Народот има право да ја знае вистината и да формира мислење врз основа на различни извори на информации, изјави денеска дополнителниот заменик министер за информатичко општество и администрација, Невенка Стаменковска Стојковски.
– Власта не смее ниту да помисли да го ограничи правото на одредени медиуми да поставуваат прашања или пак да прави селекција на кои да добијат право да се движат во полицискиот час со цел да известуваат за ситуацијата, истакна Стаменковска Стојковски.
Таа во денешното соопштение појаснува дека Уставот дури и во вонредна состојба го гарантира правото на слобода на јавното изразување на мислата.
-Сведоци сме на илјадници нови партиски вработувања, на сомнителни тендери на Венко со 4 пати повисоки цени од пазарните, имаме најголем број на заболени здравствени работници во регионот, катастрофално управување со јавните финансии, приватните бизниси крахираат, народот останува без егзистенција, новинари се затвораат поради критика кон Заев. И каква мерка презеде Владата? Забранува прашања, додава таа.
Според Стаменковска, целта на ваквите одлуки на Владата е да се наруши кредибилитетот на критички настроените медиуми пред јавноста и да се изврши притисок да ја сменат нивната уредувачка политика.
-Здружението на новинари на Македонија и Советот за етика на медиуми како невладина, неполитичка и непрофитна организација, вршат одлична работа и регистарот кој го водат може да има значаен придонес во идните процеси за професионализацијата и унапредувањето на објективноста, непристрасноста и етиката во медиумскиот простор. Сепак овој регистар не е ниту официјален, ниту единствен Регистар на онлајн медиуми во нашата држава. Членството во истиот, како што беше посочено и од ЗНМ и СЕММ, е на волонтерска основа.
Таа појаснува дека постојат и други регистрирани онлајн медиуми кои ги исполнуваат сите законски услови и по ниедна основа не можат да бидат исклучени од дозволите за работа после 21 часот кои ги издава Министерството за информатичко општество и администрација, или пак да им се ограничи правото да поставуваат прашања на владините пресови.
Стаменковска-Стојковски ги повика сите членови на медиумската заедница да покажат солидарност и заеднички да се спротистават на селективноста и демонизацијата на одредени медиуми од страна на Владата.
-Ја повикувам Владата веднаш да ја измени донесената одлука и да обезбеди целосна транспарентност и еднаков пристап и услови на сите медиуми во Република Македонија. Неопходна е доследна и транспарентна примена на медиумската регулатива и обезбедување на услови за самостојни и независни медиуми, медиумска слобода и медиумски плурализам, истакна дополнителната заменик министерката Невенка Стаменковска Стојковски.