Лидерот на Партијата на европските социјалисти и поранешен премиер на Бугарија, Сергеј Станишев во изјава за софиското радио Nova News рече дека ако имало проблем со Македонија, Бугарија требала да реагира, а не да чека две години до последниот момент, јави дописникот на МИА од Софија.

– Потребни се две земји за подобрување на односите, рече Станишев.

Според него, премиерот Зоран Заев имал волја да отвори нова страница во билатералните односи со потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство и за тоа имал политички напади.

– Две години бугарската Влада не кажа ништо во врска со кршењето на Договорот за добрососедство и пријателство од страна на нашиот сосед. Никола Груевски 10 години го избегнувал потпишувањето на Договорот за добрососедство и пријателство. Бугарија не е разбрана. Софија треба јасно да стави до знаење дека сегашната Влада на нашиот југозападен сосед искрено сака да бидат надминати недоразбирањата и да отвори нова страница, но Бугарија не го прави тоа умешно, рече Станишев.

Тој посочи дека бугарскиот претседател Румен Радев изразува желба за промена и Бугарската социјалистичка партија треба да го искористи ова.

– Партијата мора да ги поддржи Румен Радев и Илијана Јотова за претседателските избори, категоричен беше лидерот на Партијата на европските социјалисти.

Тој смета дека пристапот на ЕУ кон вакцините бил искрен, а заедничкото договарање е правилно како потег.

– Санкциите не доведоа до ништо добро кон Русија, нема резултати, јас отсекогаш сум бил приврзаник на дијалог, а не на санкции, рече Станишев за случајот со Алексеј Навални и можноста за нови санкции.

Според него, има потреба за дијалог меѓу Русија и САД.

– Претседателот Бајден рече дека Соединетите држави сакаат да излезат од самоизолација, додаде Станишев.