За градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов  и неговиот Кризен штаб, „сите улици и булевари во градот се чисти“, но не и за граѓаните кои од синоќа се жалат дека имаат големи проблеми со неисчистените сообраќајници.

– На состанокот од Кризниот штаб на Град Скопје беше потврдено дека скопјани ќе ја дочекаат работната недела со целосно функционални улици и тротоари. Сите градски улици и булевари се чисти и проодни и никаде не е забележан застој на сообраќајот. Јавниот превоз се одвива без проблеми и нема одложени градски линии на ЈСП Скопје, а интензивно се расчистуваат снегот и мразот од тротоарите и од јавните површини. Кризниот штаб заклучи дека ќе и помогне на општина Сопиште во расчистувањето на неколкуте општински улици кои што се сеуште блокирани. Потсетувам дека во надлежност на Град Скопје се булеварите и поголемите градски улици, а преостанатите улици се во надлежност на општините и тие се задолжени за нивно чистење и одржување, објави Шилегов на Фејсбук.

Но, на истата социјална мрежа, од синоќа кога снегот почна поинтензивно да врне, граѓаните се жалат поради затрупани улици и се потсмеваат со изјавите на Шилегов кој изјавуваше дека е подготвен за чистење додека немаше снег.