Портпаролот на Европската унија, Петар Стано, изјави дека одлуката на Косово да го распушти Управувачкиот тим, кој го подготви Статутот на Заедницата на српски општини (ЗСО), „го крши словото и духот на договорот за дијалог“ и дека секоја одлука во врска со тимот мора да биде одобрена во рамките на дијалогот меѓу Белград и Приштина, со посредство на ЕУ, јави дописникот на МИА од Белград.
Стано нагласи дека според договорите постигнати за дијалогот, јасно е дека Управувачкиот тим мора да функционира до донесување на статутот на ЗСО.
Тој потсети дека првиот нацрт беше претставен од страна на овој тим на 2 мај за време на разговорите на високо ниво, со кои беше започнат преговарачкиот процес.
Стано рече дека посредниците во дијалогот ќе ги поканат главните преговарачи да започнат преговори, а доколку има потреба ќе биде поканет и Управувачкиот тим да учествува во процесот.
-ЕУ како посредник ќе ги покани главните преговарачи и нивните експерти во Брисел за да започнат преговори за повелбата. Очекуваме двете страни да се вклучат во процесот конструктивно и со добра волја и брзо да ги завршат преговорите. На 2 мај, високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, им рече на двете страни дека Управувачкиот тим ќе биде поканет да учествува во процесот доколку е потребно, што ќе го утврди модераторот на ЕУ, рече Стано.
„Косово со премиерот Албин Курти донесе еднострана и незаконска одлука за распуштање на Управувачкиот тим кој го подготви нацртот на Статутот на ЗСО и го претстави во вторник во Брисел, на што немаат право ниту Курти, ниту неговиот министер за локална самоуправа“, изјави претходно директорот на Канцеларијата за Косово, Петар Петковиќ.