Шкотска не може да биде заробена во Велика Британија против своја волја, изјави денеска шкотската лидерка Никола Старџен.

Таа повтори дека успехот на Шкотската национална партија на последните избори и дава мандат за нов референдум за независност, на кој се спротивставува британскиот премиер Борис Џонсон.

– Ако Велика Британија продолжи да постои како унија, тоа ќе може да се направи само со консензус, изјави Старџен за Би-Би-Си.

Според неа, британската влада греши во размислувањето дека отфрлањето на референдумот ќе значи  и крај на овој проблем.

– Тоа е суштинската точка на демократијата – не можете да ја држите Шкотска во унија против нејзина волја. Вие не можете да нè затворите во плакар, да го свртите клучот и да се надевате дека сè ќе помине, истакна таа.