Старец Клеопа ИЛИЕ

Постојат два вида на суд за луѓето.

Првиот суд е наречен поединечен, односно личен, кој ќе се случи веднаш после смртта, кога секоја душа поминува покрај страшните воздушни митарства и стои пред Праведниот Судија, за да ѝ се одреди местото на привремен покој или осуда, според нејзините дела, сѐ до второто Христово доаѓање.
Вториот суд е последниот или општиот за сите луѓе, кој ќе се случи на крајот на вековите кога ќе бидат разделени добрите од злите и добрите ќе отидат во Царството Божјо и така секогаш ќе бидеме со Господа (1Сол. 4. 17) а лошите ќе бидат фрлени во оган вечен (Мат. 25,31-46,Мат. 12,36).

А за местото каде што се вселуваат душите на луѓето по смртта, еднакво на расказот за немилосрдниот богаташ и сиромавиот Лазар (Лука 16, 19-31).
Светата Црква вака нѐ учи: во текот на првите два дена по смртта ангелот на душата ја носи насекаде по светот, каде што живеела и правела добри или лоши дела и таа се присетува на сѐ, уште од детството па сѐ до часот на смртта. Третиот ден ја однесува при Бога, а по 40 дена ѝ се одредува местото на покој или осуда.

Во “Големото Правило” од Трговиште, глава 162, се вели дека душата, од голема љубов кон своето тело, бидејќи е разделена од него, понекогаш оди во куќата во која живеела а понекогаш на гробот каде што е закопано телото. Додека усовршената и праведна душа заминува на местата каде што вообичаено одела да се моли за своето спасение и поминува два дена на земјата. А третиот ден, заедно со својот ангел, душата заминува на небото и стои пред страшниот Престол и се поклонува пред Бога. Поради тоа третиот ден се извршува задушница за починатиот. Откако ќе му се поклони на Бога таа заминува со ангелот па ѝ ги покажува богатите и убави живеалишта на душите на праведниците и светителите кои ја исполнувале волјата Божја во светот. Сето тоа тогаш го гледа душата од четвртиот до деветтиот ден.

А деветтиот ден повторно заминува и се поклонува на Бога. Затоа се извршува помен и во деветтиот ден.

Потоа ангелот ја одведува и ѝ ги покажува сите пеколни маки до четириесетиот ден , кога по трет пат се поклонува на Пресвета Троица. Затоа се служат Литургии и помени на мртвите до четириесетиот ден.

И отсега па понатаму, според делата кои ги творела ѝ се дава да одмара сѐ дури не дојде Христос да му суди на светот и секому да му даде или да му плати според делата негови.

Тоа е преданието на црквата и тоа е улогата на службите што се извршуваат за упокоените.

Какви се својствата на душата после смртта?

По разделувањето од телото душата ги задржува своите својства, како: памтењето, умувањето, размислувањето, поимувањето, слободната волја итн. Меѓутоа, одредени способности како: уживањето, огорченоста, стравот, гневот, фантазијата, дејственоста и другите од тој вид, од онаа страна не делуваат како овде, каде што душата е во врска со своето страствено тело . Сите тие способности по смртта се продуховуваат, подобно на духовните тела, според зборовите на светиот апостол Павле кој вели: се сее тело душевно – воскреснува тело духовно (1.Кор. 15, 44).

Според светиот апостол Павле постојат четири својства на телото воскреснато од мртвите: нераспадливоста, славата, силата и духовноста (1.Кор. 15, 42-44). Својствата, пак, на душата се оние претходно наведените кои остануваат вечно со неа, макар да е душата во рајот или пеколот. Меѓутоа, природните својства на човечкото тело, како плодната и сетилната сила, нагонот за исхрана душата повеќе не ги поседува по смртта, бидејќи духовните тела во рајот повеќе немаат потреба за храна и пиење, како што вели светиот апостол Павле: “Царството Божјо не е јадење или пиење, туку правда и мир и радост во Светиот Дух(Рим. 14,17).