Претседателот на ФФМ, Мухамед Сејдини по бројните реакции по јавноста откако беше презентиран новиот дрес на македонската фудбалска репрезентација за настап на ЕП 2020, пресече и доцна синоќа соопшти дека Македонија ќе настапува во досегашниот дрес.
Сејдини им се извини на навивачите, нагласувајќи дека ја превзема одговорноста, но и дека е испратен допис до УЕФА за промена на дресот на репрезентацијата. Во продолжение интегрално ви го пренесува писмото на Сејдини.
-Драги навивачи на македонската репрезентација, како претседател на Фудбалската федерација на Македонија чувствувам обврска да се обратам до фудбалското семејство во врска со промоцијата на новиот дрес на македонската репрезентација за Европското првенство.
Најпрвин, изразувам искрено жалење за негативните реакции кои што беа предизвикани од бојата на новиот дрес. Свесни сме дека репрезентативниот дрес претставува чест и амбиција на секој фудбалер уште од најрана возраст.
Репрезентативниот дрес беше подготвен со голема радост на барање на фудбалерите. Тимот бараше нови репрезентативни дресови. Ние сакавме да го исполниме тоа барање. За жал, техничката поддршка во однос на бојата на дресот не е во согласност со барањата на ФФМ. Федерацијата и службите во ФФМ целосно ја преземаат одговорноста за овој избор, но исто така ќе побараат одговорност и од техничкиот партнер.
Како претседател на федерацијата ја преземам мојата одговорност за евентуални последици и најавувам дека на Европското првенство ќе играме со досегашните дресови.
Тоа што не влијаев и имав доверба во работата на службите во ФФМ во креирањето на новиот дрес, не значи дека треба да молчиме кога пошироката јавност го искажува своето мислење. Инсистирам настапот на Европското првенство да биде запаметен по прекрасниот успех што го направивме и да не биде засенет со работи кои се полесни за решавање.
Поради реакциите од бојата на дресот, ние како Фудбалска федерација на Македонија пративме допис до УЕФА со кој бараме натпреварите од Европското првенство да ги одиграме со актуелните дресови. Се надевам дека УЕФА ќе има разбирање за нашето барање и ќе излезе во пресрет на истото.
Со актуелниот репрезентативен дрес игравме на Европското првенство 2017, со тој дрес остваривме историски пласман на ЕУРО 2020 и со тој дрес ќе се претставиме на првенството кое со нетрпение го очекуваме.