Десетици староседелци денеска упаднаа на климатскиот самит COP30 во Бразил и се судрија со обезбедувачите, барајќи климатска акција и заштита на шумите.

Бесно викајќи демонстрантите бараа да им биде дозволено да влезат во комплексот на ОН, каде што илјадници делегати од земји од целиот свет присуствуваат на годинашниот климатски самит на ОН во амазонскиот град Белем, Бразил. Некои мавтаа со знамиња со пораки за правата на земјиштето, додека други носеа транспаренти на кои пишуваше „Нашата земја не е на продажба“.

Лидерот на староседелците од заедницата Тупинамба од долниот тек на реката Тапајос во Бразил изјави дека се огорчени од континуираната експанзија на индустријата во шумата.

 

„Не можеме да јадеме пари. Сакаме нашата земја да биде ослободена од агробизнисот, истражувањето на нафта, нелегалните руд.ари и нелегалната сеча“, рече Гилмар, кој користи само едно име.

Обезбедувањето ги потиснало демонстрантите и го забарикадирало влезот со маси. Сведок на Ројтерс видел како еден обезбедувач е одведен во количка додека се  држел за стомак. Друг обезбедувач, со свежа драсканица над окото, изјавил дека бил удрен од палка фрлена од толпата, од кои неколку биле одземени од обезбедувањето.

 

Демонстрантите се разотидоа кратко по судирот, а беа дел од групата од стотина лица кои маршираа кон местото на одржување на самитот. Обезбедувањето подоцна им дозволи на делегатите да заминат, но само откако претходно им наложи да се вратат внатре додека не се смири ситуацијата. ОН е задолжена за безбедноста во комплексот.

 

„Порано вечерва, група демонстранти ги проби безбедносните бариери на главниот влез во COP, при што двајца обезбедувачи беа полесно повредени и беше предизвикана мала штета“, соопшти ОН.

Тие изјавија дека бразилското обезбедување и обезбедувањето на ОН презеле заштитни мерки за да го обезбедат местото на одржување на самитот, почитувајќи ги сите утврдени безбедносни протоколи.

„Бразилските власти и властите на ОН го истражуваат инцидентот. Просторот е целосно обезбеден, а преговорите на COP продолжуваат“, нагласија тие.

Бразилскиот претседател Луиз Инасио Лула да Силва ги истакна домородните заедници како клучни учесници во годинашните преговори за COP30.

Порано оваа недела, десетици лидери на домородните заедници пристигнаа на самитот за да учествуваат во разговорите и да побараат поголемо влијание врз одлуките за управување со шумите.

ФОТО: Ројтерс