Фудбалската репрезентација на Македонија со победа над Малта од 2-1 во Скопје ги почна квалификациите за Европското првенство во Германија, в година.
„Црвено-жолтите“ го скршија отпорот на противникот за шест минути во вториот дел, кога погодија Елиф Елмас во 66-та и резервистот Дарко Чурлинов во 72-та минута. Јантам Јаник го постигна единствениот погодок за гостите во 86-та минута.
Двете репрезентации го завршија првото полувреме без удар во рамките на противничкиот гол. При резултат 0-0 во вториот дел беше досуден пенал за Македонија, но судијата Кристо Товер од Естонија ја смени одлуката по користење на ВАР-технологијата и му покажа жолт картон за симулирање прекршок на Бојан Миовски. Селекторот Благоја Милевски беше исклучен во судиското надополнување од натпреварот.
Во вториот вечерашен меч од истата група Ц, Англија славеше на гости против актуелниот европски првак Италија со 2-1 во Неапол, во дуелот на финалистите од претходниот континентален шампионат одигран во 2021 година. Украина беше слободна вечерва.
Македонија е слободна во второто коло, во кое в недела ќе играат Англија – Украина и Малта – Италија, но ќе одигра пријателски меч со Фарските Острови, во Скопје в понеделник (18 часот).