Високи 80 отсто од децата ја користат вештачката интелигенција (ВИ) како секојдневна алатка, а дури една третина од нив ги сметаат ботовите за разговор како свои “вистински пријатели”. Ова неодамна го објави британскиот медиум “Мирор“, по истражувањето направено од познат телекомуникациски оператор во кое учествувале 1 000 испитаници од Британија на возраст од 11 до 16 години. Притоа е наведено дека чат ботовите биле користени на дневна база, најчесто за да дадат совет во тешки и сложени ситуации или за да помогнат во некоја грижа или анксиозност која што ја имаат децата.

Со ваквото користење на вештачката интелигенција, веднаш излегува на површина првата заблуда, а тоа е дека можеме да ја прашуваме ВИ што сакаме, кога сакаме и да разговараме на која било тема, вели Сања Ставров, лиценциран психолог.

– За жал, родителите се токму тие кои почнаа со ваквиот тренд на користење на ВИ (кажи ми за времето, гледај ми на кафе, што мислиш за мене како за личност итн.) што реално и не е неговата функција. ВИ всушност функционира како надворешна когнитивна поддршка, т.е. овозможува побрзо процесирање на информации, подобра организација на знаење, генерирање идеи и алтернативни перспективи. Психолошки гледано, тоа е форма на когнитивно проширување, односно технологијата станува продолжение на мисловниот процес, појаснува психологот Ставров.

Британското истражување покажало дека најголем дел од децата им доверуваат на чат ботовите информации за себе, кои не би ги споделиле со родителите, наставниците или пријателите, а дури 86 проценти постапуваат според советот кој ќе им го даде вештачката интелигенција. Причината за тоа, според одговорите на адолесцените, е фактот што чат ботовите се секогаш достапни, со нив лесно се разговара и делуваат поддржувачки.

– Може да се јави и психолошко и емоционално влијание, односно ВИ може да создаде илузија на разбирање и емпатија, затоа што комуницира јазично (на јазикот кој го зборува корисникот), дава структуриран и логичен одговор и најважно од се – реагира брзо. Сето ова може да доведе до позитивно чувство на поддршка, намалување на стрес при решавање проблем, со потенцијален ризик од емоционална зависност, заменување на човечка комуникација и стекнување преголема доверба во алгоритам, посочува психологот.

Покрај ова, чести се јавните реакции на родителите, но и вработените во образовниот систем дека расте праксата на учениците во најголем дел при извршувањето на домашните задачи да се потпираат на ВИ, без да ја користат како алатка која само ќе помогне во нивното извршување, туку повеќе како готов производ од кој само ќе си го преземат одговорот. На сличната состојба неодамна посочи и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), која излезе со став дека вештачката интелигенција нашла корисна примена во образованието, но постои ризик да предизвика интелектуална мрзеливост кај учениците, а во други јавни написи на истата тема се посочува и дека несоодветното користење на ВИ повлекува и опаѓање на самостојното критичко размислување кај адолесцентите.

– Кога зборуваме за новите генерации и нивниот однос со вештачката интелигенција, мора да бидеме искрени дека тие растат во сосема поинаков свет од нашиот. Тоа е свет во кој знаењето е на дофат, но мудроста сè уште мора да се гради. Вештачката интелигенција несомнено носи огромни придобивки и овозможува побрз пристап до информации, персонализирано учење и поддршка за учениците кои порано тешко доаѓале до ресурси. Во таа смисла, ја отвора вратата за подемократско образование и поголема инклузивност. Но, тука доаѓа клучниот предизвик и доколку не се води правилно, ВИ може да создаде генерации кои знаат „како да добијат одговор“, но не и „како да дојдат до него“. Разликата е суштинска, бидејќи едното е користење алатка, другото е градење личност, смета Гоце Бумбароски, образовен консултант и поранешен наставник.

Тој се согласува со забелешките на ОЕЦД дека постои реален ризик од развој на интелектуална мрзливост и потенцира дека улогата на родителите и наставниците денес е поважна од кога било.

– Кога детето ќе се навикне дека решението е на еден клик, мотивацијата за размислување, истражување и сомнеж постепено се намалува. А токму тие се темелите на вистинското знаење. Затоа не е доволно да ги научиме децата да користат технологија бидејќи тоа тие и онака го знаат или ќе го научат. Нашата задача е да ги научиме да размислуваат, да поставуваат прашања и да прават разлика помеѓу „знам“ и „ми е кажано“. Ако сакаме деца кои ќе бидат самостојни, одговорни и критички мислечки луѓе, тогаш ВИ треба да ја третираме како алатка – не како замена за мислата, додава Бумбароски.

Психолозите исто така се согласни дека како што вештачката интелигенција има свои корисни страни доколку не се злоупотребува, така има и потенцијални негативни ефекти и ризици.

– На пример, можат да се појават когнитивна мрзеливост, намалување на аналитичкото размислување, намалена способност за самостојно решавање проблеми, когнитивно префрлање односно луѓето ги префрлаат менталните задачи на технологијата, а процесот на учење и помнење, како и истражувачките навики се намалуваат. Од друга страна, пак, професионално влијание од ВИ е добредојдено, особено во подготовка на материјали, анализа на информации, креирање планови и програми. Но тука е многу важно умеењето со оваа алатка заради етички прашања, авторство на материјали, плагијат, некритичко преземање информации, ширење дезинформации, манипулација со информации и дигитална зависност, вели психологот Ставров.

Како краен заклучок, таа вели дека вештачката интелигенција не е замена за човечка интелигенција, туку когнитивен инструмент слично како што калкулаторот е инструмент за математика и затоа одговорно и етички треба да биде користена.