Министерството за надворешни работи е во сериозна кадровска криза, а угледот на Македонија низ светот се руши, затоа што МНР си игра кадровска политика со целосно несоодветни кадри. Последните именувања на генерални конзули во дипломатско конзуларните претставништва, кои треба да бидат лицето на нашата земја, само го потврдува тоа. ВМРО-ДПМНЕ ја споделува изненаденоста на македонската јавност од владината одлука за именување на извесен Дејан Ѓучиќ за генерален конзул во Солун, Република Грција. За ова кадровско решение со мистериозна биографија речиси и да нема информации, освен дека е член на економско-социјалниот совет на СДСМ и донатор на владејачката партија. Неговото назначување на оваа исклучително чувствителна позиција, за жал, не е проследено со опис на квалификациите кои ги поседува. Јавноста воопшто не знае кои се тие квалитети кои го лансирале како најдобар кандидат при изборот, изјави Стефан Андоновски од ВМРО-ДПМНЕ

Втор случај е Јордан Панев, веќе испратен конзул во конзулатот на Македонија во Њу Џерси, за кого познато е дека често заспива на официјални средби. Иако е назначен да им служи на барањата на македонските граѓани во САД, често се забележува во барови и ресторани на 40 км северно од Њу Џерси во состојби кои не му доликуваат на функцијата која ја врши. Трет случај е Реџеп Адеми, генерален конзул на Македонија во Минхен, кој не престанува со провокации и навреди кон македонските граѓани по етничка и по верска основа. Македонската дијаспора и лично го информирала министерот Никола Димитров дека наместо македонското знаме во македонскиот конзулат е развиорено знамето на Република Албанија. Одговор од Министерот – нема.Четврти случај е сопруга на директорот на Државниот Архив, Емил Крстевски, Сања Зографска Крстевска, која, најверојатно заради партиско-политичките заслуги на нејзиниот сопруг, после кариера во мултилатералата ќе биде испратена како конзул во Мелбурн, изјави Андоновски.

Потоа следуваат партиските апологети и личните фанови на високите структури во СДСМ и МНР – Драган Алчинов, кој од шеф на СДСМ во Гевгелија, од скоро станува дипломат, одговорен за геостратешки прашања, Маја Стојанова – активистка на СДСМ која исто така од скоро е дипломат.

Затоа, почитувани, прашуваме,

Дали целта на новата срамна систематизација во МНР е деградирање на професионални дипломати на сметка на партиски апетити, и уништување на меѓународниот углед на Македонија?

По кои критериуми е направен изборот за генерални конзули и зошто нивните биографии не се на увид на јавноста?

Уште колку години ќе треба да чекаат вработените дипломати кои ги поминале сите скалила во професионалната дипломатија на унапредување, затоа што местата им се зафатени од партиски послушници?

Кога ќе бидат унапредени млади дипломати со одлични биографии кои и после три години од владеењето на СДСМ се уште се помлади соработници?

Дали на денешната Владина седница, точка на дневен ред е затворање на конзулатот во Венеција, а отворање на конзулат во Милано? Дали е ова една од многуте елитистички мерки која нема никаква цел освен задоволување на партиските апетити?

И конечно, дали партискиот бекграунд, политичката поддршка, личните желби и изборните донации ќе продолжат да бидат основен критериум за избор на наши претставници на највисоки позиции од стратешки и државен интерес?