Проценката на САД и НАТО е дека новата безбедносна архитектура во светот се менува и дека заради тоа потребно е зголемување на 5% од БДП на земјите членки. Зошто тоа е така? Бидејќи воено безбедносниот комплекс на алијансата е под притисок за справување со предизвиците и трката во производство на новите воени платформи. Русија и Кина напредиваат во производството на хиперсонично оружје, дронови, против воздушни системи, ракетни системи и напредни воздушни платформи од 5 и 6 генерација, како и имплементирање на вештачката интелигенција во воената индустрија. Исто така во тек е судир помеѓу источната и западната воена опрема во Украина, вели во разговор за „Локално“, безбедносниот аналитичар, Милан Стефановски откако САД очекува членките на Северноатлантската алијанса да постигнат договор за зголемување на буџетот за одбрана на 5 отсто од бруто домашниот производ (БДП) за време на самитот што ќе се одржи во јуни во Хаг.
Според него, перфомансите на едните и другите играат клучна улога на напредокот или стагнацијата на бојното поле кое ќе ја димензионира текот на војната. И, сето ова чини финансиски многу.
-Затоа алијансата во стратешкиот пристап бара систематско имплементирање на буџетско прилагодување во следните години за да се стигне до посакуваните 5 %, објаснува Стефановски. Наведува дека така беше и на самитот на НАТО во 2014 година кога одлуката за зголемување на 2% од БДП не беше прифатена со отворени раце, но до 2024 година скоро сите земји ја интегрираа во своите буџети.
Соговорникот потенцира дека Македонија и другите помали економии на земјите-членки на алијансата ќе мораат постепено низ годините да стигнат до тие 5%. Смета дека тоа нема да е лесно, ќе биде предизвик за нашиот буџет, но преку паметни економски политики, ништо не е невозможно.
Повеќе прочитајте ТУКА