Градоначалникот на општина Гази Баба, Бобан Стефковски целосно ги демантира наводите истакнати во денешната прес конференција на политичката партија СДСМ како невистинити и со цел замајување на јавноста и граѓаните.
Лицето Добри Петров беше вработено лице во општина Гази Баба на работна позиција Советник во одделението за внатрешна ревизија на јавните установи од 2013 година.
За внатрешни ревизори можат да бидат назначени лица кои покрај општите услови утврдени со закон ги исполнуваат и посебните услови од членот 36 став 3 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола кои лицето Добри Петров во целост ги исполнува. СДСМ немаат познавање ниту на Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, ниту на Правилникот за начинот на извршување на внатрешната ревизија и начинот на известување за ревизијата.
Ја упатуваме Богданка Кузеска од СДСМ да се информира од нивниот претходен градоначалник на општина Гази Баба Борис Георгиевски за тоа како за време на целиот негов мандат примал ревизорски извештаи на кој е потпишано лицето Добри Петров како овластено лице кое вршело ревизија во име на општина Гази Баба на јавните установи.
Во прилог на демантот доставуваме потпишани ревизорски извештаи од спроведена ревизија во периодот на мандатот на претходниот градоначалник од редовите на СДСМ.
Времето на СДСМ во општина Гази Баба заврши.
Општина Гази Баба се гради и менува. Следуваат години на напредок и развој, години на реализација на голем број на проекти со кои ќе се подобри животот на граѓаните на општина Гази Баба, се вели во демантот на Стефковски.
Претходно, СДСМ побара објансување како ВМРО-ДПМНЕ и Бобан Стефковски го нзначиле лицето Добри Петров бил незаконски назначен за ревизор од страна на градоначалникот Бобан Стефковски, затоа што не ги исполнувал условите.
Член 36 од Законот за јавна внатрешна финансиска контрола, став 2, одредува дека за ревизор може да биде избрано лице кое положило испит за овластен внатрешен ревизор или да поседува меѓународен ревизорски сертификат. Ниту еден од овие услови Добри Петров не ги исполнувал.
Затоа Добри Петров не е на листата на овластени ревизори која е јавно достапна. (https://www.iorrm.org.mk/doc/%D0%98%D0%9E%D0%A0%D0%A0%D0%9C%20-%20%D0%A0%D0%95%D0%93%D0%98%D0%A1%D0%A2%D0%90%D0%A0%20%D0%9D%D0%90%20%D0%A0%D0%95%D0%92%D0%98%D0%97%D0%9E%D0%A0%D0%98%20-%2018.02.2022.pdf)
Се потврдува она што го говори СДСМ, дека со незаконски извештај незаконски е променета директорка на јавна установа.
За само 100 дена ВМРО-ДПМНЕ го покажа вистинското лице.
Во општините владеат како шерифи, без почитување на закони и прописи со единствена цел, да разрешуваат и да именуваат нивни партиски војници и извршители.
Очекуваме од сите надлежни институции по допрен глас да покренат соодветни законски процедури за овој скандал“, се вели во реакцијата на СДСМ.