Вашингтон е загрижен дека може да се влоши безбедносната ситуација меѓу Израелците и Палестинците пред посетата на американскиот државен секретар на Блиски Исток поради смртоносната операција на израелските сили на окупираниот Западен Брег.
Блинкен на 29 јануари ќе ги посети Египет, Израел и Западен Брег. Неговата посета, според Стејт департментот, била планирана претходно, а беше најавена само неколку часа по операцијата на израелските командоси во бегалскиот камп Џенин, Западен Брег, при што загинаа седум вооружени лица и двајца цивили.
Палестинските милитанти денеска истрелаа две ракети од Појасот Газа кон јужен Израел. Ракетите беа пресретнати од израелската противвоздушна одбрана, соопшти израелската армија.
Предвидено е Блинкен в недела во Каиро да се сретне со египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси, а в понеделник ќе ги посети Ерусалим и Рамалах, а во вторник ќе се сретне со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и палестинскиот претседател Махмуд Абас, објави вчера Стејт департментот.
Блинкен е вториот висок американски функционер кој ќе го посети Израел оваа година по советникот за национална безбедност Џејк Саливан, бидејќи расте загриженоста на САД поради насилството и плановите на новата десничарска Влада на Бенјамин Нетанјаху.
Портпаролот на Стејт департментот Нед Прајс вчера изјави дека Блинкен ќе ја нагласи итната потреба за намалување на тензиите помеѓу Израел и Палестинците, со цел да се запре циклусот на насилство.