Владата на Република Северна Македонија во 2018 година презела активности да истражи, обвини и казни полициски офцијални лица, кои направиле злоупотреби додека властите во земјата имале ефективна контрола врз безбедносните служби, но сепак постои високо ниво на корупцијам се вели, меѓу другото, во најновиот извештај за човековите права на американскиот Стејт департмент.
Во извештајот се посочува дека во земјата има напредок во медиумите и судството, но останува да се решат уште низа важни проблеми како корупцијата.
Државните затвори и притвори не успеале да ги имплементираат меѓународните стандарди и во некои случаи, согласно извештајот за превенција од тортура на Советот на Европа од октомври 2017 година, условите би можеле да се опишат како сурови, нехумaни и деградирачки, се вели во извештајот и се додава дека затворите и натаму се соочуваат со недостиг на финансии, несоодветна обука на полициски офицери и корупција.
Извештајот укажува дека Народниот правобранител открил оти истрагите на властите во врска со обвинувањата за малтретирање и злоупотреба на затворениците генерално биле неефикасни.
Во повеќето случаи судовите се придржуваат до законите и процедурите за притворање. Оваа година бројот на наредби за притворање опаднал значајно споредбено со минатите години. Во повеќето случаи, на барање и на Јавното и на Специјалното обвинителство, судот одредил превентивни мерки наместо притвор за осомничените, стои во извештајот.
Се наведува дега во 2018 година властите покажале поголема почит кон независноста и непристрасноста на судството во споредба со претходните години. Ограничената независност на судството, политизацијата на судскиот надзорен орган и недоволните финансии се понатамошна пречка за работата и ефикасноста на судовите, оценува Стејт департментот. Се истакнува и дека судството генерално го почитува правото за фер судење.
Во врска со случувањата во Парламентот од април 2017 година и судската разврска на случајот се вели дека 33 лица биле обвинети за „тероризам и загрозување на уставниот поредок“. Понатаму стои дека „опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека обвиненијата против 33 лица, вклучувајќи и членови на Парламентот, биле политички мотивирани и преувеличени. Нема доказ дека Владата одбила пристап до овие затвореници на хуманитарните организации и од групите за човекови права“.
Извештајот за човековите права во кој се детализира состојбата на човековите права поединечно за секоја земја, Стејт департментот го поднесува до Конгресот на усвојување. Извештајот се објавува редовно од 1976 година.