Властите во С. Македонија преземаат мерки за подобрување на состојбата со човековите права, но и натаму има веродстојни извештаи за нечовечко и понижувачко постапување и пренатрупаност во одредени затворски одделенија, насилство и закани за насилство врз новинари, сериозна владина корупција, недостаток на одговорност за родово и семејно насилство и насилство и закани кон ЛГБТ популацијата, се наведува во извештајот на американскиот Стејт департмент за човекови права за 2022 година.
Владата, стои во извештајот, презеде чекори за идентификување, истрага, кривично гонење и казнување на функционерите кои извршиле злоупотреба или учествувале во корупција и други незаконски дејства. Националната полиција ја одржува внатрешната безбедност, вклучително миграцијата и обезбедувањето на границите, а цивилните власти имаат ефективна контрола над безбедносните сили.
Уставот и законите забрануваат тортура, нехуман и понижувачи третман, но имаше извештаи дека полицијата злоупотребувала притвореници и затвореници и употребувала прекумерна сила. Владата презеде мерки да ги истражи тие случаи и да гони извршителите. Единицата за професионални стандарди на МВР извести дека во првите седум месеци од годината постапила по 30 претставки за употреба на прекумерна сила од страна на полициски службеници. Одделението оцени дека 16 од приговорите се неосновани, 11 отфрли поради недоволни докази, а три потврди.
Во извештајот на Стејт департментот се забележува на лошите услови во дел од затворите, недостиг на храна и несоодветни санитарни услови. Пренатрупаноста останува проблем, особено во некои одделенија на затворот Идризово, најголемата затворска установа во земјата. Некои ќелии во Идризово имаа од 16 до 19 затвореници. Се посочува на извештајот на Народниот правобранител во кој се забележани лоши услови и во повеќето други затвори и севкупен недостиг на финансирање и недоволно кадар во затворскиот систем.
Има недостиг на образовни услови и обуки за работни вештини на малолетниците, и несоодветно сместување на малолетни девојчиња на возраст од 14 до 16 години. Податоците покажале дека на 58 отсто од затворените малолетници им биле дијагностицирани проблеми со менталното здравје.
Според Извештајот на Европскиот комитет за спречување на тортура и нечовечко или понижувачко постапување или казнување (КПТ), на кој се повикува Стејт департментот, забележано е лошо управување, ендемска корупција меѓу затворскиот персонал, насилство меѓу затворениците, несоодветна здравствена заштита и лоши услови за живот (особено во Идризово). Нема извештаи за политички затвореници или притвореници.
Во однос на судството и пристапот до правдата, се наведува дека законот забранува произволно апсење и притвор и го предвидува правото на секое лице да ја оспорува законитоста на неговото или нејзиното апсење или притвор на суд, како и да добие надомест за незаконски притвор. Владата генерално ги почитувала овие барања.
Уставот предвидува автономни и независни судови, но властите не секогаш ја почитувале судската независност и непристрасност. Случаите на несоодветно однесување на судството, несоодветниот политички и деловен притисок врз судиите, долготрајната правда, како и несоодветното финансирање и екипирање на судството, продолжија да ја попречуваат ефикасноста на судовите и да влијаат на довербата на јавноста во владеењето на правото.
Според Судскиот совет, екстремно ниската доверба на јавноста во судството се должи на значителна судска корупција; судиите намерно ги одложуваат судењата или апелационото разгледување за да овозможат застареност, особено во случаи од висок профил во кои се вклучени богати и влијателни бизнисмени или политичари; има судии за кои се смета дека соработуваат со бранителите за поткуп или тргување со влијание; и конфликт на интереси во комбинација со непотизам. И обвинителите покажале непрофесионално однесување и корупција преку слабо гонење и намерно недоволно обвинение кое не е поткрепено со докази.
Судовите работеа со значително доцнење, особено во случаите на корупција од висок профил и повеќе обвинети. Судството и Јавното обвинителство останаа недоволно финансирани и недоволно екипирани, и покрај благото зголемување на нивото на финансирање. Од 30 август, Врховниот суд работеше со само 15 од 28 судии, стои во извештајот на Стејт департментот.
Во делот за слободата на изразување и медиумите, се констатира дека Уставот предвидува слобода на изразување, вклучително и за медиумите, а владата генерално го почитуваше ова право. Според Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), сепак, владата покажа недостаток на капацитет ефективно да ги санкционира прекршувањата на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност. Во ноември, Јавното обвинителство Скопје (ОЈО) потврди дека назначило обвинител да служи како лице за контакт во врска со случаи во кои се вклучени новинари и да следи случаи во кои новинарите се појавуваат како оштетени страни, сведоци или престапници.
Се посочува дека законот забранува говор кој поттикнува национална, верска или етничка омраза и предвидува казни за прекршување. Поединци може да ја критикуваат Владата јавно или приватно. На 17 ноември, Парламентот едногласно го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со кој се воведе значително намалување на казните за медиумите и за новинарите во тужбите за клевета.
Медиумите и известувањата, според оценката на Стејт департментот, продолжија да бидат во голема мера поделени по политички линии, но бројот на независни медиуми кои активно изразуваат различни ставови без очигледни ограничувања продолжи да се зголемува. Законите кои го ограничуваат говорот што поттикнува национална, верска или етничка омраза исто така ги опфаќаат печатените и радиодифузните медиуми, објавувањето книги и онлајн весниците и списанијата. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и граѓанските организации регистрирале значителен пораст на „говорот на омраза“, вклучително и во социјалните и некои традиционални медиуми.
Рекламирањето на централната власт на комерцијалните канали е забрането, но рекламирањето на локалната власт не е. Државата продолжи да ги субвенционира печатените медиуми. Во декември 2021 година, по отворен повик, владата одвои приближно 570.000 американски долари на 11 печатени медиуми за покривање на дел од трошоците за печатење и дистрибуција во 2021 година.
Советот за етика во медиумите продолжи да работи на унапредување на саморегулацијата. До 16 август, Советот примил 48 поплаки за неетичко известување и лажни вести, што е за 50 отсто помало од бројот примени во истиот период во 2021 година. Речиси 63 отсто од поплаките се поврзани со неетичко известување, со приближно 17 отсто за уредување и 6 отсто за говор на омраза, пишува, меѓу другото во извештајот.
Се нагласува и дека искусни новинари и претставници на медиумите изразиле сериозна загриженост поради засиленото руско влијание и дезинформации, пред се преку зголеменото присуство на српските медиуми во земјата.
Во извештајот се евидентирани и случаи на закани и малтретирање на новинари. Заклучно со 15 август, ЗНМ има добиено осум поплаки од новинари. Полицијата повикувала новинари на „информативни интервјуа“, спречувала новинари да ја извршуваат својата должност, имало закани, навреди и несоодветно однесување на функционери од централната и локалната власт или членови на политичките партии.
Според септемвриското истражување на платформата за истражувачко новинарство и аналитика, 80 отсто од анкетираните жени новинари често биле цел на онлајн малтретирање, вклучувајќи и закани. Во повеќето случаи, малтретирањето било поврзано со сториите објавени од тие новинари.
Во делот од извештајот за слободата на интернет, пак, се вели дека владата не го ограничува или нарушува пристапот до интернет и не цензурира онлајн содржини, а нема ниту веродостојни извештаи дека ги следела приватните онлајн комуникации без соодветно законско овластување.
Стејт депарментот во извештајот за состојбата со човековите права во Северна Македонија оценува и дека Уставот и законот го обезбедуваат правото на слободно, мирно собирање и здружување, а Владата генерално ги почитувала овие права.
Во делот, пак, што се однесува на слободното учество во политичкиот процес, се укажува дека законот им дава на граѓаните можност да ја изберат својата влада на слободни и фер периодични избори што се одржуваат со тајно гласање и врз основа на универзално и еднакво право на глас.
За правото на здружување и колективно договарање, во извештајот на Стејт департментот, се вели дека законот го обезбедува правото на работниците да формираат и да се приклучуваат на независни синдикати, да се договараат колективно и да спроведуваат законски штрајкови, но Владата и работодавачите не секогаш ја почитувале слободата на здружување, правото на штрајк и правото на колективно договарање.