Американскиот државен секретар Ентони Блинкен идната недела од 3 до 5 мај ќе присуствува на состанокот на министрите за надворешни работи на земјите од Г-7 во Лондон, а потоа ќе замине во официјална посета на Украина.

– Државниот секретар напомена дека Америка ќе присуствува секаде каде се испишуваат правилата на глобалната економија и меѓународната безбедност, а интересите на американскиот народ ќе бидат ставени во прв план. Во Г-7 гледаме клучен форум за тие напори, се наведува во соопштението на Стејт департментот.

Во Велика Британија, Блинкен ќе оствари средби со премиерот Борис Џонсон и шефот на британската дипломатија Доминик Раб, за „заедничките американско-британски приоритети поврзани со глобалните прашања и потврда на силното сојузништво меѓу двете земји“.

Првиот дипломат на САД на 5 и 6 мај ќе замине во посета на Киев, каде ќе има средби со претседателот Володимир Зеленски, министерот за надворешни Димитриј Кулеба и други официјални лица и претставници од украинското граѓанско општество „за да ја реафирмира одлучната поддршка на суверентетот на Украина и нејзиниот територијален интегритет во лицето на актуелната руска агресија“.

– Во текот на посетата тој ќе го охрабри актуелниот прогрес на институционални реформи во Украина, посебно антикорупциските напори, како клуч за обезбедување демократски институции, економски просперитет и евроатлантска иднина, се вели во соопштението.

Државниот секретар претходно во интервју за Си Би Ес ја потврди намерата за посета на Украина. Според коментарот на телевизијата, посетата на Блинкен на Киев пред можната средба на Џо Бајден и Владимир Путин треба да и демонстрира на Москва дека Вашингтон го поддржува Киев.