Градоначалниците на Тирана, Елбасан и Драч одговорија на барањето на Васил Стерјовски, упатено до нив како тогашен пратеник во албанскиот Парламент во кој искажуваат подготовност за поддршка на македонската заедница во нивните општини.
– Како пратеник во албанското Собрание, после локалните избори што се одржаа на 30 јуни 2019 година, побарав од градоначалниците на Тирана, Елбасан и Драч поголема грижа за македонскта заедница која живее во овие општини. Градоначалниците на Тирана, Елбасан и Драч во нивниот одговор до мене покажаа готовност за поддршка на македонската заедница во нивните општини, објави Стерјовски на Фејсбук.
Додава дека Македонците во Република Албанија живеат во педесетина села долж албанско-македонската граница во областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Поле или Долни Дебар и неколку села во околината на Корча, Подградец и Билишта.
Освен во селата Македонците се сконцетрирани и во градовите Тирана, Драч, Елбасан, Кукс, Корча, Каваја, Билишта, Подградец, Либражд и други.
– Во Тирана првите миграции на Македонците од Голо Брдо, Мала Преспа, Гора, Река, Струшко и Охридско датираат од времето на Првата светска војна 1914-1918 година. Во текот на историјата имало уште неколку бранови на внатрешни преселби на Македонците од родните села кон поголемите градови на Албанија, наведува тој.
Според него, најголемата миграција од етничките региони кон поголемите градови како Тирана, Елбасан, Драч и други се случила во периодот после 1990 година, каде сега живее многубројна македонска заедница.