На денешниот состанок организиран од страна на единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), што се одржува во Корча, се обрати лидерот Васил Стерјовски, кој во име на партијата и негово лично име, им се заблагодари на претставниците на политичките партии ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, Левица, ЗНАМ и Демократски сојуз што ја прифатиле покана за денешниот состанок во Корча.
На средбата присуствуваат Лилјана Затуроска и Лидија Петковска од ВМРО ДПМНЕ, Методија Илиевски од СДСМ, Катерина Тодоровска од ЗНАМ, Димитар Апасиев од Левица, Зоран Димитриевски и Зоран Петров од Демократскиот сојуз и Љуфтим Спахиу, вршител на должност македонски амбасадор во Албанија.
Од страна на МАЕИ присутни се претставници од областите на Мала Преспа, Голо Брдо, Гора, Врбник, како и од градовите Корча, Подградец, Елбасан и Тирана.
Стерјовски истакна дека присуството на претставниците на политичките партии од власта и од опозицијата во Корча е јасен показател дека грижата за Македонците во Албанија е национален интерес кој ги надминува партиските разлики.
– Сите ние сме овде со една заедничка цел – да го одбраниме нашиот идентитет и да изградиме поцврста основа за иднината на Македонците во Албанија. Како политички субјект што произлегува директно од македонската заедница во Албанија, нашата главна мисија е заштита и промоција на македонскиот идентитет, култура, јазик и традиции. Ниту една друга партија во Албанија не се занимава со прашањата и предизвиците на македонската заедница, што нè прави единствен и посветен застапник на нејзините права и слободи. Нашата борба не е само политичка – таа е битка за опстанок, за зачувување на вековните македонски корени во овие простори, рече Стерјовски.
Тргнувајќи од сложената положба на Македонците во Албанија како автохтоно население, и соочувајќи се со предизвиците од агресивната бугарска политика за бугаризација и асимилација, како партија, рече тој, решивме да ja организираме оваа средба во Корча.
– Целта е да ги запознаеме македонските парламентарни политички партии – и од власта и од опозицијата – со положбата на Македонците во Албанија, која е крајно незавидна. Посебен фокус сакаме да ставиме на агресивната бугарска политика за асимилација, која е директно помогната и од албанските институции, рече Стерјовски.
На средбата беше претставена националната стратегија што ја предлага МАЕИ до македонските власти и политичките партии за унапредување на положбата, правата и слободите на Македонците во Албанија.
– Веруваме дека е од суштинска важност оваа стратегија да биде поддржана од сите македонски политички партии од Република Македонија, без оглед на сопствената политичка платформа. Нашето барање не е само политичко, туку е прашање на национална одговорност. Македонија, како матична држава, има голема одговорност и можност да им помогне на Македонците во Албанија да ги зачуваат своите вековни огништа, да ги добијат универзалните права кои им припаѓаат како малцинство, да го отфрлат влијанието на бугарската пропаганда и да ги зајакнат врските меѓу матичната држава и македонската заедница во Албанија, рече Стерјовски.
МАЕИ и Стерјовски бараат поддршка и помош од матичната држава. Македонците во Албанија, како штоп кажа, не бараат привилегии.
– Бараме само она што ни следува според сите европски и меѓународни стандарди за заштита на националните малцинства.
ФОТО: МАИЕ