Горд сум како Македонец, затоа што Македонците во Втората светска војна се вклучија во Антифашистичката народно-ослободителна војна на Албанија, изјави пратеникот од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, Васил Стерјовски.
Тој, како што објави весникот Илинден од Тирана, на седница на Парламент на Албанија, побара враќање на правата на Македонците кои ги имаа до 1949 година и достојна почит и за партизаните Македонци во Албанија.
– Горд сум како Македонец, затоа што Македонците во Втората светска војна се вклучија во Антифашистичката народно-ослободителна војна на Албанија. Македонците, заедно со албанските партизани го поразија фашизмот во Албанија. Врз основа на пожртвуваноста на македонските партизани во антифашистичката војна во Албанија во Втората светска војна, во 1945 година Македонците беа признати како национално малцинство во Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област во округот Корча и во областа Голо Брдо во округот Пешкопеа, рече Стерјовски.
Тој додаде дека во овие области, Македонците во Албанија го стекнале правото на образование на својот мајчин македонски јазик, а за Македонците во Албанија се овозможи развој на македонската култура и традиција.
– За жал, во областа Голо Брдо училиштата на македонски јазик беа дозволени до 1949 година, а во областа Мала Преспа и селото Врбник во Деволската област, училиштата на Македонски јазик не беа затворени. Ни останува нам, новата генерација Македонци во Република Албанија, да се бориме за унапредување на нашите права и слободи и очекувам ова Собранието тоа да го поддржи, рече Стерјовски.