Претседателскиот кандидат на СДСМ, Стево Пендаровски во изборната кампања за нов мандат се фали дека е првиот претседател во историјата на Македонија кој поставил жена аѓутант, но тој е и првиот претседател кој ја ангажирал сопругата да го фали на митинзите.

– Јас сум првиот претседател кој постави жена за аѓутант, значи во Армија која е доминантно машка и професија и организација. Значи, поставив за првпат во историјата на независна Македонија, па и во социјализмот, ова што беше трета армиска област на времето никогаш немало жена аѓутант. Второ, јас сум првиот претседател кој има поставено првиот ден кога дојдов на овој мандат советничка за родови прашања, првпат. Посебна советничка само за тоа прашање, можам да речам не ми е надлежност, но многу ми беше битно. Од овие 10-12 луѓе кои сум ги донел со мене во мојот мандат како мои најблиски соработници 52 проценти се жени, рече Пендаровски на претставувањето пред граѓаните во Гевгелија.

Пендаровски не се фали дека е првиот претседател во Македонија кој ја ангажирал сопругата да го фали на митинзите и средбите со граѓаните во изборната кампања. Досега ниту еден од претседателите на Македонија активно не ја вклучил сопругата во предизборната кампања.

Секако дека во тоа нема ништо спорно. Но, штом се потенцира „прва жена аѓутант“, не треба да се испушти дека има уште една „прва жена, односно сопруга“, како преседан што Пендаровски сака да го потенцира.

Како што можеше да се види од повеќе настапи досега, неговата сопруга Елизабета Георгиевска е активно вклучена во кампањата на Пендаровски „Стево мојот претседател“.

Тоа нема врска со жените, но Пендаровски е авторот на „антологиската изјава“, која беше објавена не само од медиумите во Македонија, туку и пошироко. Пендаровски во една дебата за животот, криминалот и корупцијата што е причина за иселување на младите од Македонија тој изјави дека „би се иселил и јас ако не бев претседател на државата“.

Пендаровски беше избран за претседател во времето на бившиот премиер Зоран Заев, од кого остана уште една од илјадниците „антологиски“ изјави: „Тој е котва која ќе не влече напред“!

(Д. Г.)