Поранешниот советник на американскиот претседател Доналд Трамп, Стив Бенон предвидува дека следната недела на европските избори ќе дојде до „политички земјотрес”, откако места во Европарламентот ќе освои голема популистичка група, јави дописникот на МИА.
Според него, тоа ќе биде своевиден вовед за реизборот на Трамп за американски претседател и за доаѓањето на лидерката на францускиот екстремно десничарски Национален собир (РН), Марин Ле Пен на власт во Франција.
Бенон, кој беше стратег на победата на Трамп на изборите во 2016 година и кој сега престојува во Париз, во интервју за денешното издание на весникот „Паризиен“, вели дека „од сите избори што ќе се одржат следниот викенд во Европа, вклучувајќи ги и оние во Велика Британија, најважни без сомнеж ќе бидат тие во Франција“.
Европските избори се одржуваат следната недела, започнувајќи од четврток 23 до недела 26 мај. Во Франција се гласа в недела.
Според Бенон, изборот на Емануел Макрон за претседател на Франција во 2017 година „начисто го запрел популистичкото востание, започнато со изборот на Доналд Трамп во САД“.
– Популистичкиот национален револт изгледаше завршен. Но, следниот викенд ќе имате ситуација во која Матео Салвини (лидер на италијанската екстремно десничарска партија Лига), Марин Ле Пен и Најџел Фараџ (лидер на британската националистичка Брегзит партија) може да бидат на чело на три од четирите најголеми партии во Европскиот парламент. Се сè промени за две години, вели Бенон во интервјуто.
Според него, оваа победа на евроизборите во Елисејската палата ќе ја протурка Ле Пен, чиј Национален собир, според анкетите, води пред партијата Република во движење (РЕМ) на Макрон.
– Ако Макрон не победи на 26 мај, француската политика ќе се „ресетира“. Трката за претседателската функција ќе започне по европските избори, смета Бенон.
Тој за себе вели дека е „неформален советник” на Ле Пен, со цел да го победи Макрон, кој, според него, е ангажиран во кампањата за евроизборите и го претворил Националниот собир во свој непријател.
– Мојата улога е да создадам врски, да дадам општи совети. Јас им ја дадов идејата дека на пример Макрон организира референдум за самиот себе, вели тој.
Покрај тоа, „популистичката победа“ во Европа, според Бенон, ќе биде пресвртница за повторниот избор на Доналд Трамп за претседател на САД.
– Трамп немаше да биде избран за претседател без Брегзит. Тоа дава поттик. Ако популистите се повеќе од 30 отсто Европа, тоа ќе му даде импулс и ќе му помогне на Трамп за кампањата во 2020 година, вели Бенон во интервјуто за „Паризиен“.