Во свет кој се соочува со бројни економски и глобални предизвици, соработката не е избор – таа е неопходност. А токму платформата за соработка меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа претставува пример како преку дијалог, почит и заедничка визија може да се создаваат нови можности за сите, порача денеска од Ѕинан, главниот град на кинеската провинција Шандонг вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ.
Во своето обраќање на македонски јазик пред учесниците на 7. состанок на локалните лидери на Кина и земјите од Централна и Источна Европа и Неделата на соработка и размена на градови на пријателство Шандонг за 2026 година, како што јави известувачот на МИА, тој посочи дека „Македонија ја гледа Народна Република Кина како значаен економски партнер и пријателска земја со која постои простор за понатамошно продлабочување на соработката, особено во областите на инфраструктурата, инвестициите, технологијата, туризмот, образованието, културната размена, земјоделството“…
– Веруваме дека периодот пред нас треба да биде период на поинтензивна економска комуникација, посилно поврзување на регионите, градовите и компаниите, како и отворање нови можности за странски инвестиции и заеднички проекти кои ќе донесат конкретни придобивки за нашите граѓани. Нашата земја е подготвена активно да придонесува во унапредувањето на соработката меѓу Кина и земјите од Централна и Источна Европа, преку градење партнерства засновани на заемна почит, разбирање и долгорочна визија. Убеден сум дека токму локалната и регионалната соработка може да биде двигател на нов развоен циклус – затоа што најсилните врски секогаш започнуваат меѓу луѓето, градовите и заедниците, истакна вицепремиерот Стоилковиќ.
Тој нагласи и дека денес повеќе од кога било е потребно да градиме цврсти мостови на пријателство, доверба и економска соработка.
– Веруваме дека е време овие односи дополнително да се зацврстат и да прераснат во едно вистинско пријателство меѓу нашите народи и држави – пријателство засновано на заемна почит, стабилност и заеднички развој. Во тој дух, дозволете ми да кажам дека веруваме во стабилно и искрено партнерство со Кина, партнерство кое ќе продолжи да се развива во духот на заедничкиот напредок и меѓусебното почитување. Нека оваа средба биде уште еден чекор кон нови иницијативи, нови инвестиции и уште посилни врски меѓу нашите народи.
Во изјава за МИА, по средбата со Шен Ичин, државен советник на Народна Република Кина, Стоилковиќ истакна дека по подолг период ова е прва официјална посета на Кина на високо ниво од страна на македонска делегација.
– После подолго време, поточно по 10 години, да не кажам по подолго запуштени односи помеѓу нашата држава, Република Македонија и Народна Република Кина, ова е прва сериозна официјална посета на многу високо ниво. Остваривме разговор со мојот хомолог во кинеската државна политичка структура и личен претставник на претседателот Си Џинпинг, и ги отворивме трите најважни теми во областа на меѓудржавните односи помеѓу нашата држава и Народна Република Кина. Се надеваме дека во наредниот период, отворајќи ги овие три прашања кои се мошне битни, пред се за нашата економија,ќе можеме да очекуваме не само зголемување на економската соработка, туку и некои работи кои би можеле доста добро да се одразат на македонската економија.
Во рамки на состанокот, кој се одржува под мотото „Заедно ја обликуваме иднината“ покрај високи кинески владини претставници и претставници од провинцијата Шандонг, меѓу другите се обратија и Адријана Месаровиќ, вицепремиер и министер за економија на Србија, Маринко Чавара, заменик-претседател на Претставничкиот дом на Парламентарното собрание на Босна и Херцеговина, Мирсад Нурковиќ, потпретседател на Парламентот на Црна Гора.
На церемонијата на отворањето, беше потпишан и договор за меѓународно пријателство и односи меѓу градовите, беа објавени резултатите од програмите за меѓучовечка и културна размена, како и соработка во науката, технологијата и бизнисот со земјите од Централна и Источна Европа.
Се оджаа и повеќе сесии посветени на економска трговска и регионана соработка со околу 600 учесници меѓу кои претставници од меѓународни збратимени градови, бизниси и трговски здруженија, експерти и научници, универзитети и тинк-тенкови.
Во рамки на престојот на Кина, Стоилковик го посети и Шангај, а даде и две интервјуа за кинески медиуми меѓу кои и за државната кинеска телевизија CGTN.
МИА




