Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Наум Стоилковски, објави полициска снимка за која вели дека е доказ како правосудните органи во Македонија работат селективно.
– Зад мене ја следите полициската видео снимка при акција во скопско Визбегово, каде според медиумските полициски спектакли, била пронајдена лабораторија за дрога, нелегални садници марихуана, просторија за сушење подготовка за продажба, шприцеви полни со хашиш, смола и што сѐ не. Претресите се правени во неколку објекти и приведени се три лица, меѓу кои и 38 годишниот ИП. И.П е затекнат при обработка на марихуаната! И сѐ ова се случува 24 септември 2020 година. И сѐ до ден денешен нема судска разрешница за овој спектакл, акција на МВР. Напротив, има олеснителни околности. Причината за тоа можеби лежи во фактот дека зад иницијалите ИП можеби е Иван Попов, брат на шефот на кабинет на Димитар Ковачевски, Мартин Попов – истакнува Стоилковски.
Тој додаде и дека по година и пол, случајот сѐ уште се влече по судските лавиринти, а наместо притвор како мерка за обезбедување, побарана од обвинителството за И.П., судот во континуитет му одредува мерка домашен притвор.