Министерката за одбрана Славјанка Петровска изјави дека е можно македонската армија да се вклучи во евентуалниот воен конфликт меѓу Русија и Украина, доколку тоа од нас го побара НАТО. Според неа, ваквиот потег би бил можен само со согласност од врховниот командант на армијата, претседателот Стево Пендаровски.

-Ангажманот на нашата армија се дефинира на конференција за генерирање на сили кои се оддржуваат под Врховна команда на сојузничките сили на НАТО за Европа и секоја земја членка става на располагање сили, единици или опрема согласно можностите. Во моментов имаме обврска и изготвуваме анализи за можноста за потенцијално наше учество во можната деескалација на ситуацијата. Одлуката после ја носи Владата, но и претседателот како врховен командант, рече Петровска во интервју за ТВ Телма.

Министерката го повтори вчера изнесениот став дека Македонија го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет на Украина.

-Како земја членка на НАТО ја поддржуваме и се залагаме за политика на отворени врати и правото на секоја земја за самоопределување. Во тек се дипломатски преговори за мирно решавање на спорот и таквиот тек го поддржуваме како држава. Засега немаме барање од Русија за некако повлекување на НАТО, како што побараа од Бугарија и Романија, рече Петровска.