На повикот за единство кон членството во ЕУ на премиерот Димитар Ковачевски, опозициската ВМРО-ДПМНЕ одговори преку портпаролот на партијата Наум Стоилковски кој рече дека „Ковачевски не е во единство за ЕУ, туку единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Стоилковски притоа го повика Ковачевски да се посвети на граѓаните и европската иднина.
-Димитар Ковачевски не е во единство за ЕУ, Ковачевски единствено се занимава со криминал и корупција по налог на ДУИ. Наместо европска има криминална агенда. Ковачевски е слуга на Ахмети, наместо да слугува на интересите на граѓаните. Го повикуваме да престане со слугување на криминалот и корупцијата. Го повикуваме вистински да се покаже, доколку тоа го сака, наместо посветеност кон криминал и предавства, Ковачевски да се посвети на вистински дела за граѓаните, рече Стоилковски на партиската прес-конфернција.
Премиерот Димитар Ковачевски денеска на прес-конференција истакна дека вратите се отворени за сите политички партии кои што се за концептот за европска Северна Македонија, односно сакаат да бидат дел од сојузот за Европа.
– Само тоа е патот напред за нашата држава, за да обезбедиме економски просперитет, социјална сигурност и врвно владеење на демократијата и да се исполнат очекувањата на граѓаните кои што ги поставиле пред политичарите пред точно 31 година за независна македонска држава која ќе биде членка на НАТО и на Европската унија, додаде Ковачевски.
Одговарајќи на новинарско прашање за Алијансата на Албанците, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ рече дека претседателот на оваа партија избегнува одговор за меѓународниот фактор што побарала АА да биде дел од Владата.
-Кога Алијанса ќе вети уставни измени без да го праша народот, тоа се вика лажење. Исто така, лажење е кога Таравари ќе стане градоначалник на Гостивар со гласови на ВМРО-ДПМНЕ, а потоа ќе трча да влезе во влада на ДУИ/СДС. И секако дека се вика лажење кога Таравари вели дека „Меѓународен фактор“ барал од него да влезе во влада, а кога ќе го прашате кој е тој фактор, Таравари ќе избегне одговор. Не затоа што постои таков фактор што тоа го бара од него, туку затоа што согласно интересите на Таравари решил да биде спаринг партнер на Ковачевски и Ахмети, со лажење политика не се води, рече Стоилковски.