Владата зад мене молчи за аферата „Рекет 3“, молчи Оливер Спасовски, молчи Венко Филипче. Нема ниту глас од Зоран Заев, иако „Рекет 3“ како надоврзување на „Рекет 1“ и „Рекет 2“ излегува во јавноста на три месеци пред избори!
Ова го истакна на денешната прес-конференција портапролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
– Сега е јасно зошто Штип остана без болница, јасно е дека заради лукративни цели и незаконски постапувања болницата уште не е доградена. „Рекет 3“ е случај на рекетирање на домашна компанија и нејзино туркање во стечај заради нејзино преземање понатаму. „Рекет 3“ е случај на вмешаност на министер во рекетирање и непостапување по банкарската гаранција на штета на буџетот иако договорот не е испочитуван. „Рекет 3“ е случај наново барање на 7 милиони евра од буџетот за истата компанија која што должи пари и веќе две години доцни со градбата. Оливер Спасовски, неговиот ментор Зоран Заев, и пред се Венко Филипче мора да објаснат зошто не е активирана банкарската гаранција, рече Стоилковски.
Пробиени се, додаде тој, сите рокови и раскинат е договорот со подизведувачот!
– Венко Филипче мора да објасни дали и зошто договарал детали за градба на штипската болница во куќа на шоумен? Која фирма ќе биде нов подизведувач и дали е навистина е таа блиска до власта? Дали градежните работи и градежните фирми на штипската болница ги координира човек од семејството на поранешен премиер? Оливер Спасовски мора да одговори дали планира да му одобри на Венко Филипче нови 7 милиони евра за проект кој што врзан за аферата „Рекет 3“? Однесувањето на власта е срамно, однесувањето на обвинителството за организиран криминал уште посрамно. Од одговорноста нема бегање. Одговорноста ќе дојде, а поразот за оние кои што денес ни носат порази е неминовен, рече портпаролот Стоилковски.