Почитувани,
И покрај сите лаги, притисоци, местенки и секако полнења на кутии, на сите им е јасно дека народот на Република Македонија, суверенот на Република Македонија покажа исклучителна демократска и патриотска свест. Власта е целосно разголена, во својата немоќ вчера посегна по она по што е најпозната – криминалот, и тоа повторно во изборни цели.
Почитувани,
Вчера се поднесени кривични пријави според членот 160 од КЗ што се однесуваат на „повреда на слободата на определување на избирачите“, заради загрозување на избирачкиот процес и полнење на кутии.
Денеска до Јавното Обвинителство за Организиран криминал и корупција ќе биде поднесена и кривична пријава за масовно полнење на избирачките кутии од страна на некои Избирачки одбори во избирачки места во Струга, Сарај и во други делови на Македонија.
Според податоците, според доказите, во работата на овие Изборни одбори, во определен дел од изборниот ден биле потребни во просек 14 секунди за да се оствари Избирачко право на еден глас.
Поконкретно, станува збор за сомнеж за изборна кражба во избирачките места број 2447, 2447/1, 2439, 2448, 2460/1, во општина Сарај. Понатаму во Струга на избирачко место 1905, 1907, 1907/1, 1909, 1895 и 1883/1 каде насилно се отстранети набљудувачите. Набљудувачи насилно се отстрануваа и во Пласница. Во Љуботен и во Бутел е констатирана појава на масовно гласање за други лица.
Заради тоа е потребно да се направи графолошко вештачење, на изборниот материјал, да се споредат резултатите, а потоа ЈО за организиран криминал да спроведе колективна истрага за вакво масовно однесување, потенцијалните сторители да бидат казнети согласно строгите законски мерки со кои се предвидуваат и затворски казни.
Почитувани,
Кривичната пријава се поднесува до ЈО за организиран криминал и корупција, бидејќи крајно време е да се откријат и извршителите но и нарачателите на ваквото вандалско сквернавење на изборниот процес. Тоа значи дека се очекува да одговараат и сторителите но и оној кој ги нарачал полнењето на кутиите! Доколку нема казни, во прашање се доведуваат изборните процеси во иднина.
Почитувани,
Со својата немоќ СДСМ вчера во време на изборниот молк спроведуваше и очајни обиди, наводно во име на ВМРО-ДПМНЕ да праќа пораки и да се јавува до членството на ВМРО-ДПМНЕ се со цел да ги измамат да излезат на гласање.
Јавното обвинителство и Министерството за внатрешни работи мора да отворат сериозна истрага и да ги утврдат сопствениците на телефонските броеви од кои се агитираше, се упатуваа закани и се кршеше изборниот молк. Вакво однесување и масовното кршење на изборниот закон досега не е регистрирано! Освен лицата кои ги вршеа овие кривични дела, мора да биде откриен и нарачателот и истиот да одговара пред органите на правдата.
Ќе дојде време да одговараат за малтретирањето на народот, ќе дојде време и да се одговори како тоа приватните телефонски броеви на граѓани се најдоа во рацете на штабот на власта и на СДСМ. Ќе одговараат и затоа што локални шерифи на СДСМ, директори и градоначалници посетуваа домови и на сила и под закани и уцена тераа на гласање спротивно од волјата на граѓаните. Ќе одговараат и за наполнетите кутии каде пробавте да ја фалсификувате волјата на народот и како на некои места каде минатите избори имаше 45% излезеност, сега се дојде до фантастични 95%.
Народот не го скршија, ниту уцените, ниту бруталните закани, ниту лагите, ниту малтретирањата. Народот покажа дека не ви се плаши.