-Министерот Филипче призна дека семејството на неговата сопруга заедно со директорот на клиниката и нивниот бизнис партнер поседуваат над 15.000 м2 на Водно. Во Шпанско село не само што во моментов се градат две касарни туку уште 3 такви се предвидени за градба. Ниту Филипче, ниту неговиот директор не постапиле согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси и Законот за јавните набавки во делот на судир на интереси. Министерот призна дека лично склучил договор за јавна набавка со фирмата Синерџи фирма на неговиот партнер во Шпанско село 2, тој се јавува како сосопственик во Шпанско Село 2 заедно со директорот и со семејството на Филипче. И сега заедно инвестираат. Ниту пак директорот не постапил согласно овие два закони и потпишал договор за јавна набавка со Синерџи, истакна денеска НаумСтоилковски од ВМРО-ДПМНЕ во новото продолжение од аферата со министерот за здравство Венко Филипче, екс советник на „министерот Смрт“ во Владата на ВМРО-ДПМНЕ.

Според Стоилковски, документите кои што се јавно достапни јасно укажуваат дека само со хибриден режим е можно семејство на министер, директор на државна Клиника и приватна фирма која што инкасира речиси 8 милиони евра од Министерството можат заедно да имаат имот и да градат 5 касарни на Водно и за тоа ниту една државна институција да не реагира.

Стоилковски објави нови докази од кои што, како што рече, ќе се види можноста со купопродажните договори да биле измамени продавачите, а оштетени се и буџетите на град Скопје и на општина Карпош.

-Видно од сите купопродажни договори е дека инвеститорите купуваат ниви по цени од 10 до 25 евра по м2, иако за селото Нерези уште во 2014 година е донесен општ акт за село и согласно член 12 од Законот за просторно и урбанистичко планирање „Катастарската парцела претставува градежна парцела“ па оттаму уште од 2014 година ова земјиште е градежно земјиште, рече тој.

Еве го Урбанистичкиот план од 2014 година, јавно објавен на Веб страната на општина Карпош.

-Имајќи ја предвид купопродажната цена од договорите за купување на имотите, на плацевите дел од Шпанско село 2, се отвора сомнеж дали постои измама пред се на продавачите на парцелите кои потоа партнерски се купуваат, но и на даночното одделение на Град Скопје, каде што се пријавува имот како ниви иако знаеле за урбанистичкиот план, а потоа и во 2017 година и сами финансирале АУП во кој што се нацртани 5-те касарни наречени од народот?-прашува портпаролот.

 

-Пазарната цена на градежното земјиште кои сами си ја утврдиле во договорот за физичка делба на една катастарска парцела е 60 евра или од 100 до 150% поголема од онаа во договорите за купопродажба! Вистинската пак пазарна цена може да се види од официјалниот државен регистер на цени кој што го води Агенцијата за катастар на недвижности. Видно е дека цената за 1 м2 градежно земјиште во Нерези во делот каде што и е Шпанско село 2 достигнува до 115 евра за 1 м2, обвинува тој.

-Значи можно ли е земјиште да е купено и да е платен данок за цена од 10 до 25 евра за м2 додека пазарната вредност достигнува 115 евра за м2? За колку пари согласно тоа се оштетени поранешните сопственици на овие парцели? За колку пари е оштетен Буџетот на Град Скопје и Буџетот на општина Карпош по основ на данок на промет на недвижности? Ќе сноси ли некој одговорност и за тоа? Од тука продолжуваме и со оние прашања на кои што досега нема одговор. Како е можно со чесна плата да се дојде до над 15.000 м2 парцели на Водно?  Дали се градат старечки домови по средбата со Боки 13 наместо семејни куќи како што е истакнато на онаа табла на градежниот плац во моментов? Ќе изникне ли Шпанско село 2 на Водно пред очите на институциите и воопшто некој да изреагира? Постои ли уште некој близок до министерот Венко Филипче што има имот на Водно во близина или во склоп на Шпанско село 2? Одговори мора да има и ќе има по изборите на 12-ти април, порача Стоилковски.