Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски денеска ги повика колегите до СДСМ и претседателката на Комисијата за финансирање и буџет Сања Лукаревска да закаже на седница на собраниското тело за заемот од Унгарија.
Стојаноски кажа дека во 18 часот истекува 24-часовниот рок за закажување на седницата и доколку тоа не се случи ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата Твоја Македонија нема да дозволат граѓаните да бидат жртви на политичките потреби на една, како што кажа „тесна клика на луѓе“ и ќе направи се што е возможно во рамки на деловничките можности овој закон да помине.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека кон Предлог-законот е приложен и Договорот за заемот каде се наброени сите услови за негово земање. Како што кажа, министерката за финансии и премиерот Христијан Мицкоски повеќе пати во јавноста обајснија за што ќе бидат потрошени овие пари – дел ќе одат за сервисирање на буџетот, дел за стопанството и дел за проектите за општините.
До 12 часот, кажа Стојаноски, со свои проекти аплицирале над 72 општини со над 300 проекти.
-Лицемерно е од една страна Венко Филипче и СДСМ да го блокираат овој закон со кој се обезбедуваат средства за капитални проекти за општините, а од друга страна општините каде што градоначалник е од редовите на СДСМ како Струмица, Делчево, Валандово, Пробиштип да поднесуваат проекти во Министерството со цел обезбедување на истите овие средства, рече Стојаноски.
Според новиот Деловник за работа на Собранието, доколку Лукаревска не ја свика седницата на Комисијата, претседателот на Собранието може да одреди пратеник кој ќе ја води седницата до нејзино завршување.