Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, на денешната прес-конференција истакна дека официјалните податоци за пазарот на трудот покажуваат позитивни резултати од економските политики на Владата.

Според него, во првото тримесечје од 2026 година во Македонија имало 707.385 вработени лица, наспроти 691.736 вработени во второто тримесечје од 2024 година.

„Тоа значи дека денеска во Македонија има близу 17.000 повеќе вработени лица“, изјави Стојаноски.

Тој додаде дека во истиот период е намалена и стапката на невработеност, од 12,5 на 11,3 проценти, додека стапката на вработеност е зголемена од 45,6 на 46,5 проценти.

„Ова не се политички процени, туку официјални податоци од Државниот завод за статистика“, рече Стојаноски.

Според него, бројките покажуваат дека земјата се движи во позитивна насока, со зголемен број вработени, намалена невработеност и отворање нови можности за младите, невработените лица и граѓаните кои сакаат да започнат сопствен бизнис.

Стојаноски посочи дека резултатите се поддржани преку активни политики на пазарот на трудот, поддршка за домашните компании, привлекување инвестиции и мерки за отворање одржливи работни места.

„Оперативниот план за вработување за 2026 година е вреден речиси 40 милиони евра и предвидува опфат на повеќе од 10.000 лица“, нагласи тој.

Од овој износ, како што рече, повеќе од 32 милиони евра се директно наменети за мерки за создавање нови работни места. Посебен акцент, додаде Стојаноски, е ставен на младите, при што со планот е предвидено вклучување на речиси 6.000 лица до 29 години.

„За околу 3.500 млади лица до 23 години, вработени во производствените капацитети, е предвиден младински додаток во износ од 3.000 денари“, рече Стојаноски.

Тој информираше дека преку мерката за самовработување и претприемништво се очекува отворање на повеќе од 2.000 работни места, додека преку мерката за поддршка за креирање нови работни места треба да бидат опфатени уште над 1.500 лица.

„Само преку овие две мерки се обезбедува директна поддршка за повеќе од 3.500 нови вработувања“, истакна пратеникот.

Стојаноски се осврна и на мерките спроведени во 2025 година, наведувајќи дека преку Програмата за самовработување со грант биле поддржани повеќе од 2.600 лица, од кои речиси 1.500 млади до 29 години. Како резултат на тоа, според него, биле отворени околу 2.200 нови деловни субјекти.

„Државата не обезбедува само привремена помош, туку создава услови граѓаните да основаат сопствени бизниси, да создадат работно место за себе, а во иднина да вработуваат и други лица“, рече Стојаноски.

Тој порача дека целта не е само статистичко намалување на невработеноста, туку создавање одржливи, продуктивни и подобро платени работни места.

„Не велиме дека сите проблеми се решени. Потребни се уште работа, инвестиции и реформи. Но денес имаме јасни показатели дека преземените мерки даваат резултати“, заклучи Стојаноски.