Во вчерашната емисија „Ставот на регионот“ на телевизија Њузмакс Балканс гостуваше пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Бојан Стојаноски, кој истакна дека политичката ситуација во Македонија е стабилна, но во однос на аферата со прислушкувањето на политичари, бизнисмени и новинари посочи дека тоа претставува сериозен скандал кој опфаќа злоупотреба на државни ресурси за оперативно следење и претставува државен удар.
„Се работи за тоа дека Агенцијата за национална безбедност и Агенцијата за разузнавање во периодот од пет години помеѓу 2019 и 2024 злоупотребувала државни ресурси за оперативно следење и оперативна обработка на лидерот на опозицијата на бизнисмени, на новинари, на медиуми. ЈО одбива да даде повеќе информации, ние не знаеме дали ќе биде оформен предмет, ваков сериозен скандал се граничи и со државен удар, бидејќи вие ако злоупотребите една ваква служба и ресурсите на државниот систем, за да вие правите опсервација на лидер на опозиција, на бизнисмени, на новинари, без претходно да имате добиено дозвола согласно законите од обвинителството, вие правите и државен удар. Треба тие лица кои тоа го дозволиле и коишто тоа го знаеле да бидат повикани на одговорност и да се запрашаат“, рече Стојаноски.
Пратеникот Стојаноски во емисијата истакна дека со целиот овој скандал се отвораат повеќе прашања, за тоа како и зошто тие лица се избрани за прислушкување, каде завршувале информациите и која била целта на наредбодавачот.
„Тука се отвораат и многу посериозни прашања, прво кој ја дал наредбата овие лица да бидат обработени, второ како токму тие лица биле избрани, трето каде овие информации завршувале, во чии раце, зошто било тоа направено и на крај која е главната цел на тој што бил наредбодавач. Сметам дека ова е еден од многу сериозните скандали што се случувале во режија на разузнавачките служби во оваа држава“, вели Стојаноски.