Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Бојан Стојаноски во објава на Фејсбук ја обвини СДС дека за време на своето владеење речиси го удвоила јавниот долг, посочувајќи дека актуелната Влада паралелно со сервисирањето на наследените обврски продолжува со инвестиции и капитални проекти.

Стојаноски наведува дека кога СДС дошла на власт, на 30 јуни 2017 година, јавниот долг изнесувал околу 4,7 милијарди евра, односно 46,1 отсто од БДП.

Според него, до 2024 година јавниот долг достигнал околу 8,9 милијарди евра, а неговото учество во БДП се зголемило на околу 61 отсто. Тоа, како што посочува пратеникот, претставува раст од повеќе од 4,1 милијарди евра, односно околу 88 отсто.

„Од 4,7 на 8,9 милијарди евра. Речиси двојно поголем јавен долг“, пишува Стојаноски.

Во статусот тој се осврнува и на актуелната состојба со јавниот долг. Според последните податоци на Министерството за финансии, на крајот на вториот квартал од 2026 година јавниот долг изнесува 10,7 милијарди евра, што претставува 58,8 отсто од БДП.

Стојаноски посочува дека во вториот квартал јавниот долг номинално бил намален за 21 милион евра во однос на првиот квартал, додека неговото учество во БДП било за 2,6 процентни поени пониско во споредба со крајот на 2024 година.

Пратеникот нагласува дека при оценувањето на задолжувањето не треба да се гледа само износот на ново позајмените средства, туку и обврските кои доспеваат и се сервисираат, како и односот на јавниот долг со големината на економијата.

Како пример ги наведува еврообврзниците издадени во периодот на владеењето на СДС. Според него, еврообврзница од 500 милиони евра, издадена во 2018 година, била исплатена во 2025 година, додека еврообврзницата од 700 милиони евра, издадена во 2020 година, била целосно исплатена во 2026 година.

„Само овие две обврски се 1,2 милијарди евра стар долг што оваа Влада мораше да го сервисира“, наведува Стојаноски.

Тој додава дека од втората половина на 2024 година до 2026 година биле сервисирани повеќе од 4,4 милијарди евра обврски по јавниот долг, за кои тврди дека во значителен дел претставуваат наследени долгови.

Стојаноски оценува дека тезата оти актуелната Влада само се задолжува без резултати не може да се разгледува без да се земат предвид отплатата на старите обврски, движењето на БДП и намената на средствата.

„СДС ја презеде државата со јавен долг од околу 4,7 милијарди евра, а ја остави со околу 8,9 милијарди. Денешната Влада паралелно сервисира милијарди евра наследени обврски, инвестира во инфраструктура и капитални проекти, ги зголемува платите и успева јавниот долг како процент од БДП да го спушти на 58,8 отсто“, пишува пратеникот.

Според Стојаноски, клучно при оценувањето на јавниот долг е да се земат предвид не само новите задолжувања, туку и старите обврски што се отплаќаат, растот на економијата и начинот на кој се користат позајмените средства.