Поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов изрази принципна согласност со изјавите на мандатар за состав на новата Влада Димитар Ковачевски во врска со односите меѓу Бугарија и Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, во Стојанов изјава за БТВ оцени дека во моментов треба да се излезе од историјата и конечно треба во Бугарија да се постигне консензус дали имало фашизам или не, затоа што, како што нагласи, сите сме учеле дека во Бугарија имало „монархофашизам“. Тој повика да се читаат историчарите од тој период или познатиот интелектуалец Цветан Тодоров кој го кажал истото.

– Дури има и партии кои официјално тврдат дека во Бугарија имало фашизам. Бугарија знае што сака од Северна Македонија, но Софија не знае што сака од себе. Немаме една позиција и не знаеме за што зборуваме, потенцираше Стојанов.

Поранешниот бугарски претседател, која ја извршуваше таа должност од 1997 до 2002, ја наведе за пример Втората балканска војна во 1913 година, кога бугарска воена единица казнила неколку села во тиквешкиот регион во кои живееле Срби.

– Искрениот патриотизам е многу важен, но тој не секогаш води до носењето на најмудрите и одговорни решенија, потенцираше Стојанов.

Тој го коментираше продолжениот рок од шест месеци за решавање на проблемите, од страна на бугарскиот премиер Кирил Петков, истакнувајќи дека искусните политичари не поставуваат рокови.

– Подобро е да не се работи со рокови, затоа што медиумите започнуваат со одбројување и кога ќе дојде 15 јуни тие ќе прашаат што направил, рече Стојанов.

Поранешниот бугарски претседател истакна дека бугарскиот национален интерес не е само заштита на македонските Бугари, туку и Македонија да стане членка на ЕУ.

– Бугарскиот национален интерес не е еднонасочен вектор, во него има многу димензии, така што не е точно дека сме против влезот на … Македонија во ЕУ за да го заштитиме бугарскиот национален интерес. Не е коректно да се каже дека ЕУ врши притисок врз Бугарија, туку Унијата не ја разбира, истакна Стојанов.

Тој потсети дека по 1945 година Македонија станува република во Југославија рамноправна со Хрватска и Словенија.

– Проблемот е што Бугарија во изминатите 30 години нема оформено една позиција во однос на односите со РСМ. Треба да го промениме нашиот тон за односите кон граѓаните и политичарите на … Македонија. Нема зошто бугарските новинари да го употребуваат изразот „ќе ги оставиме да поцимолат пред портите на ЕУ“ и „треба да дојдат и да ни ја бакнат раката“ и таквиот патерналистички тон треба веднаш да биде запрен, потенцираше Стојанов.

Тој се обрати до искрените претставници на бугарските патриоти, посочувајќи им дека Бугарија не се подготвува да и објави војна на Македонија, туку напротив, заедно со неа да биде членка на Европската Унија.

– По 75 години во Македонија има три поколенија кои учеле многу поинаква историја, истакна Стојанов.