Бугарија има интерес земјите од Западен Балкан да се присоединат кон ЕУ, изјави поранешниот бугарски претседател Петар Стојанов за БГНЕС.

Тој потсети дека Бугарија успеала да стане членка на ЕУ пред сите останати земји од тој регион, со исклучок на Словенија. Според него, Софија има посебна мисија на Западниот Балкан.

– Ние имаме историска мисија. Нашата политика кон тој регион треба да биде исклучително одговорна. Во последните 100 години имавме многу разочарувања, таква беше нашата историска судбина, но крајно време е да престанеме да се жалиме и да ја искористиме новата шанса. Бугарија, која е веќе членка на ЕУ, може да влијае врз процесите на Западен Балкан. Наш интерес е регионот да биде дел од Унијата. Тоа сум го кажал пред 20 години, а важи и сега, нагласи Стојанов.

Тој додаде дека „благодарение на напорите на Бугарија и потпишаниот Договор за добрососедство и пријателство со Македонија започна процесот на нејзино извлекување од изолација и приклучување во НАТО. Тоа придонесува за регионалната безбедност и стабилизирање на сегашните граници, кои некои сили во и надвор од Балканот се обидуваат да ги променат“.

Бугарската иницијатива за Западен Балкан во ЕУ е меѓу приоритетите и на актуелното хрватско претседателство, кое во мај ќе организира Самит во Загреб на оваа тема. Тогаш се очекува поповолен пристап кон запрениот процес околу проширувањето на ЕУ поради одлуката на Франција и нејзиниот претседател Емануел Макрон од октомври 2019 година.