Виктор Стојанов, претседател на фондацијата „Македонија“ во интервју за бугарски Ритнитоп,  рече дека за прв пат во Македонија ќе има бугарски фудбалски клуб.

„Процесот е тежок бидејќи не можам да одам во Македонија, испраќам луѓе кои ги водат преговорите, го фотографираат стадионот, се среќаваат со играчите, управата и тренерот. Имаме уште една средба следната недела. Законски, следната недела во тимското здружение ќе има наш претставник кој ќе биде директор, а досегашниот директор ќе стане заменик директор. Работите и чисто законски доцнат, бидејќи екипата е регистрирана како здружение, а не како компанија“, вели Стојанов.

Тој во интервјуто не го открива името на клубот, но вели дека е од третата лига, а седиштето на тимот е блиску до бугарската граница. Додава дека клубот ќе се преименува во „Јунак“.

„Надоместокот за учество во Третата лига е 1.000 евра, околу 1.000 евра се гостински трошоци и од 13 до 15.000 евра за плати и бонуси на играчите. Тимот ќе го финансираме со донациите на активистите на фондацијата „Македонија“. Наскоро ќе разговараме со разни спонзори од Бугарија, бидејќи ова е прв бугарски тим  по 80 години, а ќе бараме спонзори за кои е емотивно важно да има бугарски тим во земјата. Привлековме силни фудбалери и во фаза сме на привлекување уште многу силни фудбалери, чие ниво е Втора и Прва лига. Еден од овие фудбалери е државјанин на Македонија и има одиграно над 200 натпревари“, вели тој.

Очекува универзално обединување и во Бугарија и во Македонија.

„Да не беа постапките на фондацијата „Македонија“ тимот ќе банкротираше бидејќи е во тешка финансиска состојба. На пример, претходната година целиот буџет на тимот беше околу 7.000 евра“, додаде Стојанов.

Претходно бугарската „Фондација Македонија“, имаше неуспешни преговори за купување со најтрофејниот тим Вардар.