Македонската машка кошаркарска репрезентација во подмладен состав поради отсуството на неколкумина стандардни играчи денеска во Скопје ги почна подготовките за завршните два квалификациски натпревари за пласман во следната фаза од квалификациите за место на Светскиот Куп 2023 година.
Капитенот Војдан Стојановски порача пред дуелите со Шпанија и Украина дека целта е да се заврши квалификацискиот циклус „барем со една победа“.
– Малкумина сме од искусните што останавме, имаме повеќе млади. Атмосфера секогаш имало и ќе има во репрезентацијата. За натпреварите, Шпанија е со истиот состав кој играше во Македонија. Дали е ’Б‘ или ’А‘ тим, Шпанија е Шпанија, ние ќе дадеме сè од себе. Најважно ќе биде да се одигра достојно и против селекција од Евролигата и Еврокупот, изјави Стојановски.
Дуелот со Шпанија е на програмата на 1 јули во Сарагоса, по што „црвено-жолтите“ на 4 јули во Скопје ја пречекуваат Украина.
– Дома, пак, со Украина, сакаме да одиме на победа и да ги завршиме квалификациите барем со една победа. Во овој циклус научивме дека нема слаби репрезентации. Штета што цело време не сме комплетни, поради повреди и отсуство на играчи. Последен пат бевме комплетни на ЕП 2015 во Загреб, додаде Стојановски.