Додека Владата на СДСМ и нејзините челници прогласуваат успешно справување и т.н. „победа” во борбата против пандемијата со КОВИД 19, во здравствената установа Геријатрија – Скопје, имаме детектирано нов кластер и тоа токму помеѓу најранливата категорија на граѓани, истакна денеска д-р Синиша Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.
-Официјалните одговорни лица велат дека корона вирусот не познава граници кога е во прашање возраста. И да, во право се, а тоа веќе и се покажа на дело. Во здравствената установа Геријатрија – Скопје за неколку дена има околу 17 ново заболени. Од Специјализираната болница „13 Ноември“ во Скопје, позната уште и како Геријатрија – Скопје, во официјалното соопштение велат:
„Веднаш е постапено согласно протоколите, за изолирање на болните од останатите пациенти и спроведување на епидемиолошка анкета на вработените за спречување на ширење на инфекцијата како и мерки за дезинфекција“.
Прашуваме зошто и како, ако веднаш е постапено според протоколите, имаме случај на интрахоспитална ширење на заразата и зошто бројката за неколку дена достигнува 17 лица заразени со корона вирусот? Ова не смее и во никој случај не може да се третира како обична вест. Исто така, под никакви услови не смее да се оправда со тезата дека корона вирусот не познава граници кога станува збор за возраст, истакна тој.
Стојаноски прашува: Дали воопшто е иницирана постапка за откривање на причините за овој нов кластер и дали некој ќе понесе одговорност за овој случај?
-Колку за споредба, во соседна Србија, во првиот момент кога се дијагностицираа поголем број на заразени со корона вирусот во Геријатрискиот дом во Ниш, веднаш реагираше владиниот кризен штаб. Министерството за внатрешни работи го повика на одговорност директорот на институцијата поради основан сомнеж за тешко казнено дело против здравјето на луѓето, а во врска со неспречување на пренесување на високо заразна болест. Така реагираат институциите на системот кои што се функционални. Не денес, не утре, туку уште вчера требаше да се поведе постапка за утврдување на причините на овој нов кластер и веќе да имаме резултати од истата. Но, како што можете да посведочите, за жал, такво нешто не се случува. Прашуваме дали надлежните и одговорните неколку дена се обидуваат да го релативизираат случајот? Проценете сами. Со ваквиот начин на делување само се потврдува фактор дека победата прогласена врз корона вирусот е далеку од вистината, порача тој.