Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг предупреди дека употреба на било каков вид на нуклеарно оружје од страна на Русија ќе предизвика сериозни последици.
-Ако Русија употреби нуклеарно оружје против Украина тоа ќе има многу сериозни последици, и ова е нешто што Русија го знае, сојузниците и го соопштија тоа на Русија на разни начини, и нема да навлегувам каков точно ќе биде нашиот одговор, но ќе ја промени природата на конфликтот, тоа ќе значи дека е премината многу важна граница“, кажа Столтенберг.
Украина досега доби голема поддршка од повеќе западни земји, меѓу кои и од Македонија, а најмногу од САД, како и од НАТО.
НАТО се подготвува да достави опрема против дронови во Украина, изјави денеска Столтенберг по состанокот на министрите за одбрана на Алијансата во Брисел.
Столтенберг ова го изјави откако Украина побара од своите сојузници повеќе системи за противвоздушна одбрана и муниција поради честата руска употреба на т.н. дронови камикази.
– Сојузниците на НАТО ќе испратат напредни системи, вклучувајќи артилерија, противвоздушна одбрана и оклопни возила. Им благодарам на сите сојузници и ги повикувам да ги зголемат напорите да и помогнат на Украина. Покрај тоа, испраќаме гориво, зимска облека и медицински материјали во Украина. Како дел од истиот пакет помош, НАТО наскоро ќе испорача опрема против дронови на Украина. Тоа се стотици електронски уреди за заглавување на беспилотни летала, кои можат да им помогнат на Украинците да се борат против дронови од Русија и Иран и да го заштитат украинскиот народ и критичната инфраструктура“, рече Столтенберг.
НАТО, рече генералниот секретар, „исто така ќе и помогне на Украина да премине од воена опрема од советската ера на модерна опрема на НАТО“.
На прес-конференцијата во Брисел присуствуваше и украинскиот министер за одбрана Олексеј Резников, кој информираше за ситуацијата на линијата на фронтот:
– Украина добро напредува и ги потиснува окупаторските руски сили на исток и југ, рече Резников.