НАТО и Русија не успеаја да постигнат значаен напредок по прашањето за спасување на Договорот за нуклеарни сили со среден и краток дострел (ИНФ) во разговорите во Брисел, изјави денеска генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

– Нема никакви знаци за напредок, истакна Столтенберг по состанокот зад затворени врати.

Според него, шансите за решение се помали од ден во ден, но НАТО не се откажува од обидите да ја убеди Москва да ги уништи ракетите „земја-земја“ ЅЅС-8.

Русија со одлука на шефот на државата Владимир Путин официјално се повлече од Договорот, откако претходно тоа го направија САД. Москва пред повлекувањето тврдеше дека целосно ги почитува сите ставки на ИНФ, кој во периодот на Студената војна го потпишаа тогашните претседатели на САД и на СССР, Роналд Реган и Михаил Горбачов.