Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, ја истакна важноста на единството во Алијансата во поглед на растечкото зближување меѓу Русија и Кина.
„Во време кога Пекинг и Москва се противат на меѓународниот поредок заснован на правила, уште поважно е да останеме обединети“, рече Столтенберг на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи на земјите-членки на НАТО.
Тој додаде дека Кина одбива да ја осуди руската агресија, дека ја презема руската пропаганда, ја поддржува руската економија и дека двете земји ги зголемуваат своите воени активности во индо-пацифичкиот регион.
„Сојузниците јасно ставија до знаење дека секоја испорака на кинеско оружје за Русија би била историска грешка со длабоки последици“, рече Столтенберг.
Коментирајќи ја изјавата на рускиот претседател Владимир Путин дека ќе распореди тактичко нуклеарно оружје во Белорусија, и покрај фактот што и Кина и Русија во заедничка изјава неколку дена претходно се обврзаа дека нема да распоредуваат нуклеарно оружје надвор од нивните граници, Столтенберг рече дека заедничките декларации беа „празни ветувања“ и дека е неопходно да се следи што прави Русија, а не што вели.
Столтенберг нагласи дека сојузниците треба да продолжат да ѝ помагаат на Украина за да победи и опстане како суверена и независна нација и да постигне праведен и траен мир.
Тој најави дека НАТО ќе продолжи да ги поддржува оние кои се соочуваат со притисок од Русија, вклучувајќи ги Молдавија, Грузија и Босна и Херцеговина.