НАТО веќе премина многу црвени линии што ги постави рускиот лидер Владимир Путин, но тој не направи ништо, изјави поранешниот генерален секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, во интервју за „Фајненшл тајмс“.

-Ако не нешто друго, јас се залагам за преминување на сите овие таканаречени црвени линии што Путин ги постави. И ние преминавме многу од нив, а тој не направи ништо. Реалноста е дека ако претседателот Путин сака да ескалира (конфликтот) со употреба на оружје за масовно уништување, тој може да ги создаде сите изговори што му се потребни. Досега одговоривме на сите обиди да не доведе во заблуда, рече тој.

Столтенберг, исто така, нагласи дека имало денови и недели, особено на почетокот на војната, во кои НАТО морал да разговара и да го разгледа прашањето за руските црвени линии.

-Се разбира, треба да застанете и да размислите, можеби тоа е премногу опасно. Но, тогаш алтернативата, да престанете да ја поддржувате Украина поради некоја реторика, всушност не е опција, рече тој.

Поранешниот генерален секретар на НАТО, исто така, рече дека од почетокот на руската целосна инвазија врз Украина, го формулирал пристапот на НАТО – да ја поддржи Украина, но да не учествува во конфликтот.

Во интервјуто за„Фајненшл тајмс“, Столтенберг изрази жалење што Украина не добила повеќе оружје во претходната фаза од конфликтот. Тој рече дека НАТО требало да обезбеди голема воена поддршка на Киев уште пред да започне инвазијата, како и понапредно оружје по инвазијата на руските војници врз Украина.

-Јас го преземам мојот дел од одговорноста, нагласи Столтенберг.

„Повеќето сојузници беа против тоа пред инвазијата… тие многу се плашеа од последиците. Горд сум на она што го направивме, но ќе беше голема предност ако започнеше порано. Можеби дури и ќе ја спречеше  инвазијата, или барем ќе направеше да биде многу потешко за (Русија) да го направи тоа што го направи“, додаде тој.

фото:МИА архива