Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, денеска изјави дека на Русија „не смее“ да ѝ се дозволи да победи во војната со Украина и изрази загриженост поради можноста Кина да ја поддржи Москва во тој вооружен конфликт.
– Путин не смее да победи, тоа би било опасно за нашата безбедност и безбедноста на целиот свет, рече Столтенберг на заедничката прес-конференција со украинскиот министер за надворешни работи Димитро Кулеба и високиот претставник на ЕУ за надворешни работи Жосеп Борел.
Тој во седиштето на НАТО во Брисел посочи дека Западот не гледа никаков знак дека претседателот Путин се подготвува за мир.
– Напротив. Денеска јасно кажа дека се подготвува за уште повеќе војна. Русија започнува нова офанзива, мобилизирајќи повеќе војници и посегнува кон Северна Кореја и Иран. Исто така, загрижени сме дека можеби Кина планира да ја поддржи руската војна, додаде Столтенберг.