Даночните измени да се соопштуваат до 30 јуни, а да се имплементираат од почетокот на новата календарска година и да важат, односно да не се менуваат 12 месеци, бара Стопанската комора на Македонија.
Комората предлага воведување т.н. даночен календар како временска рамка за носење на измените во даночната сфера. Целта е да се избегне наглото, брзо менување на даноците кое резултира со неизвесност, несигурност, непредвидливост и дополнително финансико оптоварување за бизнис секторот.
Како што беше речено денеска на прес-конференција, предлогот за воведување „даночен календар“ е веќе усвоен од страна на Комората. Во текот на неделава Управниот одбор (УО) ќе ја разгледа и операционализацијата на ова решение по што тоа ќе биде доставено до Владата.
-Не зборуваме за видот на даночните промени, туку за начинот како тие да се спроведат, начин што ќе ја елиминира неизвесноста кај бизнисот и ќе овозможи предвидливост на деловниот амбинет. Какви било измени во даночната сфера би се воведувале, би биле донесени и искомуницирани со јавноста најдоцна до 30 јуни во тековната календарска година. Донесените промени не би почнале да важат веднаш, туку би имале одложено дејство. Би почнале да важат од почетокот на наредната календарска година. Исклучок би биле само промени кои би значеле намалување на даночните обврски за компаниите. Таквите мерки предлагаме да стапат во сила веднаш со оглед дека веднаш би имале и позитивен ефект врз економијата, објасни Зоран Јовановски, главен советник на УО на Комората.
Според Јовановски, „даночниот календар“ е системско решение кои би имало поволности и за бизнис секторот и за државата, но и за економијата воопшто. Притоа, за неговата имплементација е потребна само добра волја. Оптоварувања на државниот буџет нема воопшто да предизвика.
-Компаниите сакаат да знаат многу порано какви промени ќе се прават во даночниот систем и тие да не се применуваат нагло зашто тоа создава неизвесност и несигурност. Носителите на економските политики треба да имаат долгорочен фокус. Макроекономските проекции мора да ги прават со висок степен на реалност, потенцира Јовановски, дополнувајќи дека за која било промена во политиките е неопходна квалитетна комуникација меѓу Владата и стопанството.
Јовановски е оптимист дека Комората ќе наиде на отворена врата кај Владата за ваквиот предлог. Воедно смета дека не постои пречка предлогот да биде прифатен.
Одговорајќи на новинарски прашања, Јовановски рече дека нема информација за какво било одложување на некоја инвестиција иако последните даночни измени беа донесени за многу краток период и предизвикаа проблеми кај компаниите бидејќи нивните финансиски планови беа испланирани па мораа да ги менуваат „во од“.
Моментно во Управата за јавни приходи постои ист ваков термин – „даночен календар“, чија смисла, рече Јовановски, е сосема поинаква. Претставува вид годишен потсетник за поднесување даночни пријави по различни основи.