Компаниите не можат да го издржат товарот од енергетската криза и од скапата струја што ја плаќаат. Велат дека последните два месеца индустриската струја е зголемена од 100 до 300 отсто, а капак на тоа е и најавата за зголемување на цената на гасот од 1 јануари. Сопствениците на компаниите велат дека многу снабдувачи ги раскинале договорите за снабдување со струја и покрај тоа што не им биле истечени договорите. Поради тоа морале да склучат нови договори во кои струјата ја плаќале однапред и по 500 евра за мегават/час.

Експертите предупредија дека снабдувачите не смеат да им ги раскинуваат договорите на компаниите и не смее никој да ги уценува компаниите и граѓаните со авансно плаќање, бидејќи тоа не е во согласност со правилникот за снабдување со електрична енергија и Законот за енергетика.

Незаконски е да им се раскинуваат договорите на компаниите и да им се бара струјата да ја плаќаат однапред, а Владата треба да ги обесштети компаниите за раскинувањата на договорите што се случија во овој период. Ако сега компаниите плаќаат трипати, по Нова година ќе плаќаат шест пати поголеми сметки за струја, а освен тоа се очекува и цената на гасот тројно да се зголеми, вели за ВЕЧЕР, Ѓорѓи Манасков, претседател на Стопанската комора за енергетика.

Според него, цената на струјата за домаќинствата веќе е качена и изнесува 108 евра за мегават час плус ДДВ од 5 отсто. Поради тоа, тој смета дека цената на струјата за домаќинствата не смее да се качува повеќе.

Доколку не се исполнат барањата на Стопанската комора за енергетика, да нема дополнително зголемување на цената на струјата за домаќинствата и компаниите и да се обесштетат компаниите за незаконски раскинатите договори, Манасков најави дека по Божиќ ќе организираат масовен енергетски протест.