Аранжманите за 8 Март за Италија се откажани поради новонастаната ситуација со коронавирусот, а поради паника и страв има обиди за откажување и на аранжманите за другите региони, велат од Стопанската комора за туризам на Македонија.
Оттаму посочуваат дека туристичките компании веќе трпат штети и оти во моментот не е потребна паника, туку конкретни акции кои треба да се преземат. Реагираат бидејќи немаат конкретни насоки од ресорните министерства како треба да постапуваат во вакви ситуации. Бараат од Министерството за транспорт и врски заедно со авиокомпанијата „Визер“ да заземат став за пролонгирање или рефундирање на уплатените средства за авионски карти за Италија со цел да се обештетат патниците.
Во понеделникот дописи испратиле и до министерствата за здравство и за надворешни работи, но, како што посочија на денешната прес-конференција, од МНР ги исконтактирале вчера, а се уште немаат одговор од Министерството за здравство.
– Понудите за регионите зафатени со вирусот се повлечени, но имаме откажувања и за другите региони кои не се зафатени. Стравот и паниката се преголеми кај патниците, но и компаниите се во слична ситуација. Затоа вчера испративме допис и до Министерството за економија од каде побаравме да излезат со став за менаџирање во ваква кризна ситуација во услови на виша сила. До овој момент немаме одговор, истакна Билјана Пејовска – Ристовска, извршена директорка на Комората.
Од Комората велат дека Рим не сака да ги врати веќе уплатените средства за хотелско сместување и ако се враќаат средства, тогаш тоа ќе треба да го направат агенциите на своја рака.
– Само за северна Италија имаме поврат на средства. Бараме барем „Визер“ да ни излезе во пресрет, бидејќи зема субвенции од државата. Двете опции се на маса, нагласи новиот претседател на Комората, Емил Димитровски.
Според Димитровски, паниката ќе биде доведена до тоа ниво да бидат откажани голем дел од аранжманите со што ќе се направи штета и на патниците и на агенциите.
Во случај доколку се откаже аранжман за патување во другите региони, тогаш ќе бидат применети општите услови за патување.