Премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев и други претставници на владиниот економски тим, деновиве се фалат со рекордни странски инвестиции во Македонија во текот на минатата година, а од опозициската ВМРО-ДПМНЕ порачуваат власта да ги извади розовите наочари и да ја погледне реалноста.

Опозицијата вели дека не станува збор за тоа што говорат од владиниот тим туку за реинвестирана добивка на веќе постоечки претпријатија, кои се инвеститори во ТИРЗ, како резултат на добрите политики на ВМРО-ДПМНЕ во тој дел од економијата во минатото.

Власта и вчера се пофали дека има директни странски инвестиции во износ од 624 милиони евра регистрирани во државава лани, а тоа за власта е потврда за преземените чекори за стабилизација на државата на политички и на економски план, со тенденција за натамошен уште поголем раст. Како клучна придобивка се сметаат отворените 4.500 работни места од новите инвестиции.

Рекордниот износ на инвестиците во 2018 година во однос на 2017, кога изнесуваа 181 милион евра, според власта, се должи  решавањето на спорот за името, потпишаниот протокол за членство во НАТО, напредокот во процесот на европски интеграции, реализацијата на владиниот План за економски раст со Закон за финансиска поддршка на инвестициите…

За вицепремиерот за економски прашања Анѓушев, износот на инвестиците е показател дека Владата и економскиот дека тим има јасна визија за индустријализација и модернизација на државата и за креирање на добро платени работни места.

– Реализираните 624,49 милиони евра се за 276 проценти повеќе од просекот од претходните осум години,  но и поголеми за 82 проценти во однос на најдобрата година на тој план – односно 2011, забележа Анѓушев, кој очекува инвестиците годинава да бидат уште поголеми благодарение на посветеноста на Владата како и на приклучувањето кон НАТО.

Бахами, Бермуди и Луксембург меѓу најголемите инвеститори

И за министерот за финансии Драган Тевдовски растот на инвестиците е потврда за исправниот правец во кој што се движи државата – политичката стабилизација, прогресот кон НАТО, макроекономската стабилност, исправната фискална политика и реформите. 

– Високиот прилив странски инвестиции ќе значи повисока вработеност, повисоки плати, подобар животен стандард – што се и главните цели на Владата, на кои посветено работи, очекува Тевдовски. 

Како што информираше премиерот Заев, покрај досегашните реализирани странски инвестиции во државава за само 20 месеци, во последните денови на ратификацијата на Договорот од Преспа во грчкиот Парламент, шест компании од Грција донеле одлука да инвестираат во државава. Меѓу најавените инвестиции за наредниот период е и германската компанија „Герешајмер“.

– Странските инвестиции во земјата минатата година отворија 4.500 добро платени работни места, благодарение на храбрите политики на Владата и на Парламентот, без притоа да  се трошат средства за рекламирање и промоција, посочи Заев.

Како што оцени вицепремиерот Анѓушев, Законот за финансиска поддршка на инвестиците е препознаен од компаниите, а новите инвеститори не се креираат евтини работни места. Осумнаесетте инвеститори што градат фабрики во државава се обврзале дека ќе исплаќаат плати од над 300 евра.

Од минатогодишните инвестиции во износ од 624 милиони евра, 311 милиони се вложувања во четвртиот квартал.  Најголем инвеститор лани е Обединетото Кралство со 113 милиони евра, по што следуваат Германија 38 милиони, Турција и Бермуди со по 36 милиони , 31 милион се од Луксембург и Бахами, Грција 26 милиони, 17 милиони од Италија, 13 милиони од Романија…Според дејноста најголемиот дел од инвестициите 212 милиони евра биле во производство.

За инвеститорите се ветува и нова технолошко индустриска развојна зона во Скопје, во продолжение на двете постојни,  како и подобрување на инфраструктурата во останатите зони низ држвавата. Ланскиот извоз од компаните од ТИРЗ-овите изнеусвал 2,5 милијарди евра или за 20 отсто повеќе во однос на 2017.

Власта се фали со инвеститорите по кои плукаше

На овие фалби на власта и на вчерашната пре-конференција на вицепремиерот Анѓушев реагираше опозициската ВМРО-ДПМНЕ:

– Инвестиции и богатство гледаат само Анѓушев, Заев и криминалниот картел околу нив. Граѓаните живеат се посиромашно, а доказ дека економијата тоне е континуираното зголемување на бројот на граѓани кои живеат под прагот на сиромаштија. Преку 500.000 луѓе не можат да се прехранат, а Заев и Анѓушев ги убедуваат дека од славините тече мед и млеко. Минатата година се реализирани 624 милиони евра странски директни инвестиции или 5.9% од БДП, од кои 405 милиони евра се реинвестирана добивка на веќе постоечки претпријатија, кои се инвеститори во ТИРЗ, како резултат на добрите политики на ВМРО-ДПМНЕ во минатото. Вистинската вредност на СДИ е само 219 милиони евра или 2.1% од БДП. Вистинското ниво на странските директни инвестиции во 2018 година е за 4 пати помало од истите во 2008 година. Власта не ја кажува вистината и манипулира. СДСМ, која ги плукаше СДИ и добрите економски политики сега се фали со резултатите постигнати од мерките на ВМРО-ДПМНЕ. Власта е неспособна да генерира раст и развој и затоа се фали со туѓи успеси.

Инвестиции, додава ВМРО-ДПМНЕ, има само во приватните компании на Заев и картелот околу него кој енормно се богати.

– Додека тие се фалат со измислени работи, граѓаните стануваат се посиромашни и погладни. Преку 500.000 луѓе не можат да се прехранат, а Заев ги убедува дека во Македонија тече мед и млеко. Од Бермуда и Бахами се влезени ни помалку ни повеќе 68 милиони евра како инвестиции. Кој пере пари и чии пари се перат во Македонија како наводни инвестиции? Раст од кога СДСМ е на власт нема, затоа е време да си одат во историјата, реагира опозициската партија.