Дека насилно инсталираната власт во Македонија не ја распродава државата од неукост, туку дека работи по план, индиректно докажува и офанзивата на Бугарија во Албанија, со цел да докже дека постои бугарско малцинство. Целта е јасна: ако Бугарија има малцинство во Албанија, тоа малцинство граничи со матичниот народ. Тој матичен народ не може да биде во друга држава, освен во Македонија, која граничи со Албанија.
Во тој контекст, очигледно, бугарската дипломатија не спие. Така, во јануари оваа година, амбасадорот на Бугарија во Албанија, се сретнал со градоначалникот на општина Елбасан, Глетијан Латја, со кого разговарале за соработката меѓу Елбасан и бугарските општини. Тоа што е битно за нас при оваа средба, според соопштението од бугарската амбасада во Албанија, е „соработката меѓу Центарот за професионална обука во Елбасан со бугарските училишта и можностите за соработка по општи проекти“.
И сега следи главното од соопштението на бугарската амбасада: „Градоначалникот на Елбасан посочи дека во Елбасан живеат многу граѓани со бугарски „произход“ кои се реализираат успешно и кои се мост меѓу Бугарија и Албанија“.
Ова не е случајно, и не треба да изненадува дека и градоначалникот на Елбасан успеал да пронајде Бугари во Албанија, односно во својата општина во која до вчера ги немало. Зашто, ако се обидете да најдете такви во било кој попис на Албанија, а последниот е направен во 2011 година, нема да успеете. Но, можеме да бидеме сигурни дека тие ќе се појават на наредниот попис, како малцинство во Албанија и како дел од бугарскиот народ, кој, ете, полека воскреснува и кај заблудените Македонци во Северна.