Епидемијата на коронавирусот во Кина поттикна неколку модни брендови на преговори со турски компании, поради евентуално префрлање на производството на облека од Кина во Турција, изјавија раководителите на турската модна индустрија.

Од епидемијата досега во Кина починаа 637 луѓе, а многу компании го прекинаа производството до следната недела или подолго, по барање на власта, која настојува да го спречи ширењето на вирусот.

Кина доминира во светскиот сектор за производство на облека, па турските производители изминатите години се специјализираа за стоки со повисок квалитет и цени. Епидемијата на коронавирусот сега ги поттикна некои европски компании да се вратат во Турција.

Менаџерите за набавка и дизајнерите не можат да заминат во Кина поради страв од коронавирусот и ограничувањата за патување. Затоа неколку познати брендови започнаа разговори за производство на облека за новата сезона во Турција, тврди шефот на Здружението на турски производители на облека, Хади Карасу.

– Имајќи предвид дека трошоците за производство во Кина и Турција речиси се изедначени, некои европски компании веќе почнале да размислуваат тука да ги префрлат нарачките, тврди Карасу.

Тој истакна дека „Кина извезува облека во вредност од околу 170 милијарди долари“.

– Според нашите пресметки во почетната фаза во Турција ќе биде пренасочено околу еден отсто од нарачката, што би можело да изнесува околу две милијарди долари, проценува Карасу.

Турција минатата година извезе облека во вредност од 17,7 милијарди долари.