Европскиот парламент почна процедура за разгледување на барањето за укинување на имунитетот на поранешниот претседател на Каталонија, Карлес Пучдемон, изјави денеска еден од потпретседателите на оваа институција, Ева Божена Копач.

-Шпанските власти од претседателот (на Европскиот парламент) побарале да им го укине имунитетот на Карлес Пучдемон и Тони Комин, за да може да почне судската постапка против сега двајцата европратеници, рече Копач во Стразбур.

Барањето се поднесува до Комитетот за правни работи, а процедурата може да трае со недели, па дури и со месеци.

Шпанија го бара екстрадирањето на Пучдемон и Комин заради обидот за сецесија на Каталонија во 2017 година. Пучдемон и Комин во тоа време побегнаа во Белгија, а во мај 2019 година беа избрани за европратеници, како претставници на каталонските сепаратистички партии.